Грузиските пратеници го одобрија контроверзниот закон и покрај масовните протести

Демонстранти

Грузиските пратеници го одобрија контроверзниот предлог-закон за „странски агенти“ во трето и последно читање. Пратениците со 84 гласа „за“ наспротив 30 „против“ го донесоа законот кој предизвика серија на протести затоа што многумина го сметаат за закана за напорите на земјата кон интеграција во евроатлантската заедница и како огледало на слично репресивно законодавство што се протурка во Русија.

Веќе неколку недели, десетици илјади Грузијци протестираа против нацрт-законот, кој беше презентиран од владејачката партија Грузиски сон. Протестите многупати беа насилно потиснати со водени топови, солзавец и гумени куршуми, додека демонстрантите беа жртви и на насилници во цивилна облека.

Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека е отворена истрага за нападот на тројца демонстранти, од кои еден е опозициски политичар, за време на собирот против таканаречениот закон за „странски агенти“ во Тбилиси доцна на 8 мај.

Видете и ова: Тепања и апсења во Грузија, продолжуваат протестите против контроверзниот закон

Според контроверзниот нов закон, медиумите, невладините и другите непрофитни организации мора да се регистрираат како да „ги спроведуваат интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 отсто од нивното финансирање доаѓа од странство.

Владејачката партија „Грузиски сон“ која го протурка законот, возврати на критиките, соопштувајќи дека овој потег ќе ја промовира транспарентноста и националниот суверенитет.

Грузискиот парламент сега има 10 дена да го испрати законот до претседателот Саломе Зурабичвили, која веќе вети дека ќе стави вето. Претседателката има две недели да го стори тоа, но парламентот може да го поништи нејзиното вето со ново гласање, овојпат со просто мнозинство.