ОЈО нареди обдукција на телото на починатото бебе во Охрид

Илустрација, новороденче

Охридското обвинителство издаде наредба за обдукција на починатото седумесечно бебе, во болница било донесено со повреди на главата. Станува збор за доенче од Вевчани кое мајката го донела на 13 мај во специјалната охридска болница „Св. Еразмо“ со хематом на главата и константно мозочно крварење.

Докторите веднаш го однеселе бебето во операциона сала, каде што, неколку часа по операцијата на интезивна нега починало. Според изјавата на неговата мајка, повредите настанале по пад од импровизиран кревет во семејниот дом во Вевчани.

Видете и ова: Почина бебе во битолската болница, инспекторски тим утре ќе ги утврдува причините

Јавниот обвинител издаде наредба телото на седумесечното бебе да биде пренесено до Судска медицина во Битола каде ќе се изврши обдукција. Се преземаат мерки за расветлување на настанот, додаваат од СВР - Охрид.

Мајката тврдела, како што пренесуваат дел од медиумите, дека пред да го однесе бебето во болницата „Св. Еразмо“ побарала помош од повеќе лекари кои ја преупатувале до нивни колеги и други установи.

Јавниот обвинител, покрај наредбата за обдукција, издаде наредба за прибирање докази при што е прибавена, целокупната документација од болницата, се вршат разговори со семејството и блиски лица, а се проверува и медицинската историја на детето и на мајката.