СИРИЗА во следниот период ќе ги поднесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми со Северна Македонија, соопшти портпаролката на грчката опозициска партија Вула Кехаја на денешниот брифинг со новинарите, јавува МИА.
Таа објасни дека ги разгледуваат можностите како ќе го направат тоа и рече дека веројатно ќе биде во форма на законска иницијатива. Таа коментираше дека Владата на Мицотакис „избегнува да ги донесе во Парламентот од внатрепартиски причини и за да ја одржи рамнотежата во самата Влада“.
„Се истражува и се читаат законските текстови што произлегуваат од Договорот и претставуваат она што се нарекува Протоколи или Меморандуми за соработка со соседната земја и во следниот период, веројатно во облик на законска иницијатива ќе бидат доставени во Парламентот. Но, со големо изненадување и незадоволство ја слушаме Владата и нејзините претставници да најавуваат дека ќе гласаат против или нема да гласаат или дека не се согласуваат со таква иницијатива. Зошто се крие Нова демократија и не се обидува барем сега владината партија да го спаси угледот на Договорот од Преспа, кој во минатото го карактеризираше како предавнички, а сега смета дека треба да го одбрани, но без притоа да го заштити законски?“, рече Кехаја.
Видете и ова: Грчко МНР: Европскиот пат на Северна Македонија зависи од спроведување на договорот од Преспа и од уставните измениНа денешниот брифинг со новинарите, портпаролката на СИРИЗА упати прашање до актуелната грчка Влада, зошто, како што рече, „ако толку многу е вознемирена од ставот на новата претседателка на Северна Македонија, веднаш не ги донесе во Парламентот меморандумите како што налага Договорот од Преспа?“
„Еден овие протоколи се однесува на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија. Ова немаше да биде преговарачка карта за нашата Влада да изврши притисок врз Северна Македонија да се усогласи со Договорот, а во спротивно нема да се отвори патот кон Европската Унија?“, праша портпаролката на СИРИЗА.
Трите потпишани меморандуми меѓу двете земји се: Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје.
Тие се дел од обврските на Грција преземени со потпишувањето на Преспанскиот договор, а кои веќе неколку години чекаат да бидат ставени на дневен ред за ратификација во грчкиот Парламент.
По потпишувањето на Преспанскиот договор во јуни 2018 година, во Северна Македонија следуваа уставни измени со кои државата во своето уставно име ја додаде придавката „Северна“. Новото име стапи на сила во февруари 2019-та. Со договорот се реши деценискиот спор со Грција што беше пречка и во евроатлантските интеграции на Скопје.