Американскиот претседател Џо Бајден најави нагло зголемување на царините за низа кинески производи, вклучувајќи ги електричните возила, компјутерски чипови и медицински производи. Со овој потег Соединетите Држави ризикуваат судир со Пекинг во изборната година додека се обидува да ги придобие гласачите кои ја оценуваат неговата економска политика со ниски оценки.
Како дел од зголемувањето на царините, давачките за кинеските електрични возила ќе се зголемат од 25 на 100 отсто, за литиум-јонските батерии и делови за батерии за електрични возила од 7,5 на 25 отсто, како и за фотоволтаичните ќелии што се користат за производство на соларни панели од 25 проценти до 50 проценти.
Зголемени се царините и за разни други стоки. На пример, за медицинските шприцеви и игли, тарифите ќе бидат зголемени од нула на 50 проценти.
Зголемувањето на царините беше најавено во услови на жестока кампања меѓу Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп, при што и двајцата се обидуваа да се прикажат себеси како построги кон Кина.
Бајден ќе ги задржи царините воведени од Трамп, а ќе зголеми други, соопшти Белата куќа, наведувајќи ги „неприфатливите ризици“ за „економската безбедност“ на Соединетите Држави, претставена со, како што истакнува, нефер кинески практики што ги преплавуваат глобалните пазари со евтина стока.
Царините ќе бидат постепено воведени во текот на следните три години, а тие ќе стапат на сила во 2024 година и ќе ги покриваат електричните возила, соларни ќелии, шприцеви, игли, челик и алуминиум и многу повеќе. Во моментов има многу малку електрични возила од Кина во САД, но официјалните лица се загрижени дека евтините модели овозможени со субвенции од кинеската влада наскоро би можеле да го преплават американскиот пазар.
„Новите мерки влијаат на увозот на кинески стоки во вредност од 18 милијарди долари, вклучувајќи челик и алуминиум, полупроводници, батерии, критични минерали, соларни ќелии и кранови“, соопшти Белата куќа.
Според американските податоци, во 2023 година САД увезле стоки во вредност од 427 милијарди долари од Кина, а извезле стоки во вредност од 148 милијарди долари.
Новите мерки, според Белата куќа, имаат за цел да ја охрабрат Кина „да ги елиминира своите нефер трговски практики поврзани со трансфер на технологија, интелектуална сопственост и иновации“.
Видете и ова: Нови американски санкции против компании во Русија и КинаПретставниците на администрацијата рекоа дека мерките биле „внимателно насочени“ и комбинирани со домашни инвестиции, планирани со блиски сојузници и веројатно нема да ја влошат инфлацијата која веќе ги налути американските гласачи и ги загрози шансите за реизбор на Бајден.
Бајден се бори да ги убеди гласачите во ефективноста на неговата економска политика и покрај малата невработеност и економскиот раст.
Аналитичарите предупредија дека трговскиот конфликт меѓу двете најголеми светски економии може да ги зголеми трошоците за електричните возила во целина, што ќе им наштети на климатските цели на Бајден и неговата цел да создаде работни места во производството.
Бајден рече дека сака да победи во ерата на конкуренција со Кина, но не и да започне трговска војна што може да им наштети на нивните економии. Во последните месеци, тој работеше на намалување на тензиите во разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг.