Студентите во Грузија протестираат против законот за „странски агенти“ пред клучното гласање

илустрација од протестите во Тбилиси, Грузија, 14 мај 2024 година

И покрај неколкунеделните масовни протести, грузискиот парламент се очекува денеска(14 мај) да го одобри контроверзниот закон за „странски агенти“ што многумина го гледаат како закана за напорите за интеграција во евроатлантската заедница и кој го отсликува сличниот репресивен закон во Русија.

Грузиските студенти, од кои многумина ги напуштија часовите за да им се придружат на демонстрантите во понеделник, се очекува да излезат во голем број и денеска, по повикот на оние кои со недели протестираат во центарот на Тбилиси и покрај притисокот од властите, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Дописниците на РСЕ јавуваат дека студентите планираат да создадат таканаречен коридор на срамот низ кој ќе поминат пратениците на владејачката партија Грузиски сон откако ќе го одобрат законот. Гласањето најверојатно ќе се одржи во 15 часот по локално време (13 часот по средноевропско време).

Студенти од неколку универзитети им се придружија на илјадниците демонстранти пред зградата на парламентот каде извикуваа дека „ќе ја заштитат достојната иднина на Грузија, нејзината независност и европската иднина на земјата“, јавуваат дописниците на РСЕ.

„Нема да се откажеме од слободата на нашата земја, од европската иднина и од уставните загарантирани права“, порачаа тие на собирот.

Неколку недели, десетици илјади Грузијци протестираа против законот за „странски агенти“ предложен од партијата Грузиски сон. Демонстрациите постојано беа насилно задушувани со водени топови, солзавец и гумени куршуми, додека демонстрантите беа напаѓани и од насилни банди.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нови судири меѓу полицијата и демонстрантите во Тбилиси

Нацрт-законот беше осуден од САД, Европската Унија и други земји за создавање на сличен руски закон што претседателот Владимир Путин го користеше за да ја уништи опозицијата и да ги задуши независните институции.

Сепак, се очекува законот да помине непречено на третото и последно читање во парламентот под контрола на Грузискиот сон. Поддршката за законот во понеделникот ја потврди премиерот Иракли Кобахиџе.

Бидејќи на членовите на опозицијата им беше забрането да учествуваат на состанокот на правниот комитет во понеделник, на пратениците од Грузиски сон им беа потребни само 67 секунди да го разгледаат и одобрат предлог-законот, овозможувајќи му да оди на конечно гласање во вторник (14 мај).