Поранешниот в.д. директор на пензискиот фонд, татко му и сестрата осомничени за злоупотреба на 600 илјади евра

Илустрација

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за тројца тетовци од кој првопријавениот е поранешен в.д. директор на Фондот за пензиско осигурување.

Кривичната пријава против Д.Б. (45) од Тетово е поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Тој како вршител на должноста на 22.02.2023 објавил повик за закуп на деловен простор за потребите на Фондот во два дневни весници. Како потенцијални закуподавци се јавиле М.С. и Ј.Б. од Тетово, кои имале недвижен имот.

Второпријавениот кој е татко на директорот Р.Б. ги контактирал заинтересираните, и се договориле да ја продадат куќата за сума од 260.000 евра, но да потпишат документација за давање под закуп на недвижниот имот со Фондот, а потоа да склучат и преддоговор за купопродажба на имотот.

Видете и ова: Фондот нема да издржи ленеарно покачување на пензиите, вели Ковачевски

„На 02.03.2023 помеѓу Фондот, застапуван од пријавениот Д.Б., од една страна и М.С. и Ј.Б., од друга страна, бил склучен договор за закуп на недвижен имот со износ на закупнина од 1.890 евра месечно за времетрање на договорот од 20 години или во вкупен износ од 453.600 евра. Истиот ден бил склучен и преддоговор за купопродажба на недвижниот имот меѓу М.С. и Ј.Б. и третопријавената А.Х. (сестра на Д.Б.). Потоа, М.С. како закуподавец, паричните средства кои што Фондот месечно ѝ ги исплаќал за закуп, ги вадела од нејзината сметка и во готовина на рака му ги давала на второпријавениот Р.Б., бидејќи согласно преддоговорот за продажба и нивниот меѓусебен договор, имотот бил продаден на неговата ќерка“, се вели во соопштението од МВР.

И покрај тоа што в.д. директорот знаел дека ќе има потреба од реконструкција и адаптација на имотот, на 30.01.2023 била донесена одлука за јавна набавка за тековно одржување во централа, филијали, деловници, пензионерски домови велат од полицијата.
Врз основа на оваа набавка биле исплатени вкупно 9.915.238 денари со вклучен ДДВ.

„Со ваквите дејствија, пријавениот Д.Б., заедно со пријавените Р.Б. и А.Х., ги повредил прописите за постапката за јавен повик и со нивниот меѓусебен договор ја изиграле постапката, па така неговата сестра, пријавената А.Х., стекнала право на сопственост на недвижниот имот, кој што е предмет на закуп од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што пријавените нанеле штета на Фондот од 614.484 евра од Буџетот на РСМ, се вели во соопштението од МВР.

Против таткото на директорот Р.Б.(72) и сестрата на директорот А.Х.(40) од Тетово се поднесени пријави за „помагање“ во извршување на кривичното дело.