Американскиот државен секретар Антони Блинкен ja даде една од најострите изјави досега за Израел и војната во Газа.
Високиот американски дипломат рече дека тактиката на Израел довела до „ужасна загуба на невини цивилни животи“, но не успеала да ги неутрализира водачите и борците на Хамас, палестинската група прогласена за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија,.
Во две телевизиски интервјуа, Блинкен нагласи дека САД веруваат дека израелските сили „мора да ја напуштат Газа“, но исто така рече дека очекува да види веродостојни израелски планови за безбедност и управување на територијата по завршувањето на војната.
Хамас повторно се појави во делови од Газа, рече Блинкен, а „тежок потег“ на израелските сили во јужниот град Рафах ќе ризикува најблискиот сојузник на Вашингтон на Блискиот исток да се соочи со „одржлив бунт“.
Видете и ова: Израелските сили ги засилуваат нападите врз бегалскиот камп Џабалија во ГазаТој рече дека САД со недели соработуваат со арапските држави и други за да развијат „веродостојни планови за безбедност, управување, реконструкција“ во Газа, но „не сме виделе дека Израел го прави тоа. Мораме да го видиме тоа“.
Повеќе од милион Палестинци се засолниле во Газа поради борбите во други делови на територијата. Израел објави дека во овој град има и четири баталјони на Хамас.
Војната во Газа започна на 7 октомври, откако Хамас го нападна јужен Израел, убивајќи речиси 1.200 луѓе, повеќето цивили, а киднапирајќи речиси 250 други. Во израелската офанзива загинаа повеќе од 35.000 Палестинци, од кои повеќето жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.