Народната банка изврши надолна корекција на проекцијата за раст на македонската економија оваа година. При презентацијата на пролетните макроекономски проекции, гувернерката на народната банка Анита Ангеловска-Бежоска рече дека полошите изгледи за македонската економија се должат на слабата година лани и лошата реализација во првиот квартал од оваа година.
Таа оцени дека во земјава сè уште нема позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната. Ако се спореди нивото на цените на храната со предпандемискиот период, тие, рече Бежоска, се речиси двојно повисоки од нивото на светските цени на храната.
Таа сепак истакна дека е позитивно тоа што согласно меѓународните финансиски институции, се проектира натамошен пад на цените на храната оваа година, а стабилизирање на нивното ниво наредната година, што остава простор за одредени надолни корекции.
„Ако се погледне движењето на светските цени на храната од средината на 2022 година, има речиси континурано намалување, но според последните податоци, се уште не се вратени на предпандемиското ниво и се повисоки за околу 17 - 18 отсто. Доколку овие трендови ги споредиме со трендовите во домашната економија, може да констатираме дека не се целосно синхронизирани. Кај нас, растот на цените на храната почна подоцна од растот на светските цени на храната и сè уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната“, рече гувернерката.
Видете и ова: Ниту закон нема да помогне против високите цениВо однос на економскиот раст, и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти. Се очекува дека стапките на раст на БДП ќе изнесуваат 2,6% во 2024 година и 3,6% во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3% и 4% во 2024 и 2025 година, соодветно.
Видете и ова: Светска банка: Раст на инфлацијата од 3 отсто, повисоките плати не се во согласност со продуктивностаПроекциите за 2024 година покажуваат и просечна стапка на инфлација од 3,5%, што е на долната граница на интервалот очекуван во октомври (3,5 − 4%). На среден рок очекувањата се непроменети, односно во периодот 2025 - 2026 година, инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2 проценти.