Израелските тенкови, под силен воздушен и копнен оган, влегоа подлабоко во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа во понеделник (13 мај), објавија медиумите, додека тенкови и војници преминаа на клучниот автопат на периферијата на јужниот град Рафа.
Вооруженото крило на Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, соопшти дека неговите борци биле вклучени во вооружени пресметки со израелските сили на една од улиците источно од Рафа и источно од Џабалија.
Во Џабалија, тенковите се обидуваа да напредуваат кон срцето на кампот, најголемиот од осумте стари бегалски кампови во Газа. Жителите рекоа дека тенковски гранати паднале врз центарот на кампот и дека воздушните напади уништиле голем број куќи.
Жителите и здравствените работници изјавија дека неколку луѓе биле убиени и ранети во серија воздушни напади врз кампот во текот на ноќта. Лекарите рекоа дека не можат да испратат тимови во некои од бомбардираните области поради интензитетот на израелското бомбардирање, но има извештаи за загинати.
Во Рафа, во близина на границата со Египет, Израел ги засили воздушните и копнените бомбардирања на источните делови на градот.
Видете и ова: Продолжуваат нападите врз Газа, ОН и Западот го критикуваат планот на Израел за инвазија на РафаЖителите велат дека израелските тенкови го пресекле патот Салахудин кој го дели источниот дел од градот, додека источниот дел на Рафа е „град на духови“.
Во Израел, војската се огласи со сирени неколку пати во областите во близина на Појасот Газа, предупредувајќи на потенцијален ракетен и минофрлачки истрел од палестинска територија.
Израелската војска доцна во саботата соопшти дека силите кои дејствуваат во Џабалија го спречуваат Хамас, кој владее со Газа, да ги обнови своите воени капацитети таму.
Бројот на загинати од израелската воена операција во Појасот Газа надмина најмалку 35 000 луѓе, соопшти Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас. Бомбардирањето ја опустоши крајбрежната енклава и предизвика длабока хуманитарна криза.
Војната беше поттикната од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој, според израелските податоци, загинаа околу 1200 луѓе, а повеќе од 250 луѓе беа земени како заложници.