Германскиот суд ја потврди екстремистичката класификација за десничарската АфД

илустрација

Највисокиот германски суд денеска (13 мај) пресуди дека домашните безбедносни служби можат да продолжат да ја третираат екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) како потенцијално екстремистичка партија.

Одлуката на судот значи дека разузнавачките служби го задржуваат правото да ја држат АфД под надзор, вклучително и прислушувањето.

Германското разузнавање ги класифицираше и АфД и нејзината младинска организација Јунге Алтернатива (ЈА) како можни десничарски екстремистички групи.

Видете и ова: Протести во Германија против десничарската АфД

АфД, која продолжува да е на врвот на анкетите во неколку источни држави кои ќе одат на избори подоцна оваа година, е под зголемена контрола поради наводните расистички изјави на нејзините членови, како и наводите дека во нејзините редови има руски и кинески шпиони и агенти.

Пресудата на повисокиот управен суд во Минстер ја потврдува претходната одлука на понискиот суд во Келн.

Видете и ова: Уапсен помошник на германскиот европратеник поради шпионирање за Кина

Главната политика на АфД е тврдокорниот антиимиграциски став, додека партијата профитира од зголемената загриженост на многу германски гласачи за зголемениот број на баратели на азил.

„Пресудата го потврдува она што го кажуваме со години: АфД е крајно десничарска партија која сака да ја ослабне нашата демократија и владеењето на правото“, рече во изјавата Феликс Колб, шеф на антиекстремистичката група „Кампакт“.

АфД има околу 20 отсто од гласовите на националните анкети, во услови на големо незадоволство од трипартиската коалиција на канцеларот Олаф Шолц.