Европската унија (ЕУ) изразува жалење поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, претседателката Сиљановска -Давкова, не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија кога даде заклетва, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
„ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција“, изјави Стано.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова положи заклетва и порача: Време е за единствоГордана Сиљановска-Давкова денеска(8 мај) положи свечена заклетва во Собранието, по што го почна мандатот како претседателка на државата откако победи на претседателските избори на 8 мај. При давање на заклетвата, повторувајќи по претседателот на Собранието, Јован Митрески кој го користеше уставното име Република Северна Македонија, Сиљановска-Давкова употребуваше само Македонија.
Претходно и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во објава на мрежата Икс (порашен Твитер) порача дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.
Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ, ѝ го честита изборот на Сиљановска-Давкова и кажа дека „иднината на Северна Македонија и Западниот Балкан е во ЕУ“.
„Со нетрпение очекувам да соработувам со вас на унапредување на патот на Северна Македонија кон ЕУ, преку спроведување на реформите и обврските“, рече Мишел.
Видете и ова: Гордана Сиљановска Давкова - универзитетската професорка во претседателска фотелјаРеагираше и грчкото министерство за надворешни работи (МНР). Во соопштението што го пренесе агенцијата МИА, од грчкото МНР велат дека „билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име“.
„За време на денешната заклетва во Собранието и покрај фактот што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата беше под името „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Сиљановска - Давкова, одбра земјата да ја нарече „Македонија. Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски“ соопштија од грчкото МНР.
Во обраќањето пред пратениците со говор што го посвети на жените, Сиљановска-Давкова повика на единство и вети дека ќе биде претседателка на сите.
„Ќе го почитувам овој Парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги паметам само добрите. Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив, ниту по етничка, по верска, по полова, ниту по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови“, рече Сиљановска-Давкова.
На 8 мај во Северна Македонија се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори, во кој влегоа Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Стево Пендаровски. Сиљановска-Давкова издвојува убедлива победа со 561.000 гласови, наспроти 251.899 гласови што ги освои Пендаровски.
Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.