Мишел и Фон дер Лајен: Очекуваме соработка на европскиот пат на земјата

Белгија - Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија и Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ, на Самитот ЕУ-Западен Балкан, 13 декември 2023 година

Претседателите на Европската комисија и на Советот на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел упатија честитки до претседателката Гордана Сиљановска - Давкова по повод нејзиното официјално стапување на функцијата претседателка на Северна Македонија, нагласувајќи ја определбата за соработка во продолжување на европскиот пат на земјата.

„Честитки Гордана Сиљановска-Давкова, првата жена претседател на Северна Македонија. Вашето лидерство доаѓа во клучен момент, додека вашата земја ги унапредува своите реформи и продолжува на патот кон ЕУ. Со нетрпение очекувам да соработувам со вас“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).

Честитки упати и Мишел.

„Со нетрпение очекувам да соработувам со вас на унапредување на патот на Северна Македонија кон ЕУ, преку спроведување на реформите и обврските. Иднината на Северна Македонија и Западниот Балкан е во ЕУ“, наведе Мишел во објавата.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова положи заклетва и порача: Време е за единство

Фон дер Лајен во посебна објава на Икс порача и дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

На 8 мај во Северна Македонија се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори, во кој влегоа Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Стево Пендаровски. Сиљановска-Давкова издвојува убедлива победа со 561.000 гласови, наспроти 251.899 гласови што ги освои Пендаровски.

Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.