Адеми: Сиљановска-Давкова во говорот го прекрши Уставот

Северна Македонија - Арбр Адеми, претседател на пратеничката група на Демократска унија за интеграција(ДУИ) во Собранието

Новата претседателка Гордана Сиљановска - Давкова го прекрши Уставот при положувањето на нејзината заклетва, повика на единство а спомнала само двајца лидери на партии, не кажа ништо суштинско и не се осврна на евроинтеграциите, рече координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, на прес-конференција по инаугурацијата на Сиљановска-Давкова за претседателка на Северна Македонија.

„Изразуваме жалење за говорот на Сиљановска - Давкова. Го згази Уставот уште на прва реченица неспомнувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации што ги има тоа. Рече време е за единство, а спомна само двајца лидери од македонскиот блок, исклучувајќи ги сите останати“, рече Адеми.

Тој оцени дека таа имала „говор за 8 март“, во кој не се спомнува НАТО и членството на Република Северна Македонија во НАТО, како и сите предизвици кои претстојат, не се спомнуваат Европската унија и евроинтеграцискиот процес Преспанскиот договор, уставните измени, договорот за добрососедство со Бугарија ниту меѓуетничките односи.

„Намерно не ја спомна честитката на претседателката на Република Косово за нејзиниот избор, иако не недостасуваа апострофирања на жени лидери кои и честитаа за изборот. Со првата нејзина реченица веќе создаде криза помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција“, рече Адеми.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова положи заклетва и порача: Време е за единство


Сиљановска-Давкова во нејзиното обраќање пред присутните пратеници во Собранието, дипломатскиот кор, како и претставниците на политичкиот и општествениот живот, рече ќе биде претседателка на сите граѓани и нема да прави разлика меѓу нив ниту по етничка, ниту по верска, ниту по полова или било каква друга разлика.

Нејзиниот говор таа им го посвети на жените поради кои се нафатила да се кандидира, затоа што сака да ги инспирира жените, посочувајќи на „оние кои на Балканот често не се претседателки на држави“.

Порача дека е време за единството „кое може да значи и женска филозофија, женска автентичност, бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе, туку пред се за сите останати“.

На 8 мај во Северна Македонија се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори, во кој влегоа Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Стево Пендаровски. Сиљановска-Давкова издвојува убедлива победа со 561.000 гласови, наспроти 251.899 гласови што ги освои Пендаровски.

Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.