Во неделата, на 12 мај, Израел продолжи да спроведува воздушни напади врз Газа, откако ја продолжи наредбата за евакуација на Рафа на југот на Газа, пренесе АФП.
Обединетите Нации (ОН) предупредија дека директната инвазија на пренаселениот јужен град ризикува да доведе до катастрофа од „епски“ размери.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на итен прекин на војната меѓу Израел и Хамас во Газа, враќање на заложниците и испорака на хуманитарна помош на опколената палестинска територија.
„Го повторувам мојот повик, повикот на светот за итен хуманитарен прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници и поголема испорака на хуманитарна помош“, рече Гутереш во видео обраќањето на меѓународната донаторска конференција во Кувајт на 12 мај.
„Но, прекинот на огнот ќе биде само почеток. Тоа ќе биде долг пат назад од уништувањето и траумата на оваа војна“, додаде тој.
Видете и ова: Израел нареди нова евакуација во јужниот дел на ГазаБританскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изјави дека Израел не треба да започне офанзива врз градот Рафа во Газа без „јасен план“ за заштита на цивилите.
„За да има голема офанзива во Рафа, треба да има апсолутно јасен план за тоа како ќе спасите животи, како ќе ги тргнете луѓето од патот, како ќе бидете сигурни дека тие се хранат, дека имаат лекови, засолниште и сè друго“, рече Камерон за телевизијата Скај њуз, пренесе АФП.
„Не видовме таков план... затоа не ја поддржуваме офанзивата на тој начин“, додаде тој.
Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека двајца лекари биле убиени во неделата во централниот град Деир ал-Балах, додека дописниците на АФП јавија за интензивни судири и силни пукотници од израелски хеликоптери во близина на градот Газа.