Претставници на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од партискиот претседател и мандатар Христијан Мицкоски и лидерите на коалицијата „Вреди“ на денешната средба ги договориле општите начела за соработка во идната влада.
Од ВМРО - ДПМНЕ соопштија дека соработката ќе се темели на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
„Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање“, се вели во соопштението од ВМРО - ДПМНЕ.
Од страна на ВМРО-ДПМНЕ на средбата покрај Мицкоски биле присутни потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски.
Од страна на „Вреди“ биле Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ договараат нова Влада, други чекаат поканаПретходно, од „Вреди“ изјавија дека според нив, првичната средба и разговори оделе во позитивна насока.
Според Мицкоски, коалицијата „Вреди“ со резултатот од 107.000 гласови на парламентарните избори на 8 мај е кредибилиен партнер во идната Влада.
Но, Мицкоски има и друга математика - тој очекува до 28 мај(до кога треба да се конститурира Собранието) да консолидираат 61 пратеник. Некои избрани пратеници во Собранието, поединци од други коалиции, веќе пратиле „сигнали“ дека сакаат да се приклонат кон ВМРО-ДПМНЕ.
На тој начин, коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на „Вреди“ заедно би имале 74 или 75 пратеници во Собранието.
Според роковите во Уставот, Владата би требало да биде предложена најдоцна до крајот на јуни. Таа треба да биде изгласана со мнозинство од 61 пратеник од вкупно 120 пратеници во Собранието.