Израел нареди нова евакуација во Рафа, јужна Газа, принудувајќи десетици илјади луѓе да се иселат додека се подготвува да ја прошири својата операција.
Израел најави дека се движи кон областите во северниот дел на Газа каде што Хамас, група која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка, се прегрупирала.
Наредбата за евакуација доаѓа и покрај силното меѓународно противење и критики.
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека нема да му дава оружје на Израел за Рафа, а во петокот Соединетите Американски Држави(САД) објавија дека Израел во Газа можеби го прекршил меѓународното право за заштита на цивилите.
Обединетите нации(ОН) и другите агенции со недели предупредуваат дека израелскиот напад на Рафа, кој граничи со Египет, ќе им наштети на хуманитарните напори и ќе предизвика катастрофално зголемување на цивилните жртви.
Повеќе од 1,4 милиони Палестинци, или половина од населението на Газа, побараа засолниште во Рафа бегајќи од израелската офанзива.
Рафа се смета за последно прибежиште во Појасот Газа, а новите евакуации го принудуваат населението да се врати на север, кој беше уништен од претходните израелски напади. Хуманитарните агенции проценуваат дека 110.000 луѓе биле евакуирани пред саботната наредба.
Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за Газа соопшти дека околу 300.000 луѓе се погодени од наредбите за евакуација, но бројките би можеле да бидат поголеми бидејќи станува збор за густо населени области, пренесе „Асошиејтед Прес“.
Израелските војници окупираа и дел од граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет, принудувајќи го да се затвори, а тој беше главната влезна точка за гориво.
Хуманитарните организации предупредија дека горивото исто така наскоро ќе се потроши, што ќе ги принуди болниците да престанат со работа.
Борбите не престануваат и во северниот дел на Газа, каде што се чини дека Хамас уште еднаш се прегрупира.
Северна Газа беше првата цел на копнената офанзива, а Израел на крајот на минатата година објави дека во голема мера го уништил Хамас во таа област.
Војната во Појасот Газа почна откако милитантите од Хамас, група која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка група, го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе.
Во таа прилика милитантите киднапирале 252 лица, од кои 128 се заложници во Газа, а 36 се прогласени за мртви, според последните израелски податоци.