Туск: Полска нема да штеди на зајакнување на источната граница

Доналд Туск, премиер на Полска, на прес-конференција во Варшава, 11 април 2024 година

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека зајакнувањето на полската граница е започнато, нагласувајќи дека неговата земја нема да штеди пари за тоа, како и дека самата Европска унија ќе мора да инвестира во безбедноста на својата источна граница.

„Нема сомнеж за се поагресивните намери на Белорусија кон Полска. Преземаме чекори за зајакнување на границата поради зголемениот притисок на режимот на Александар Лукашенко и зголемените закани од војната поради руската агресија во Украина“ рече Туск на 11 мај.

Видете и ова: ЕУ одлучи да стави крај на правниот „судир“ со Полска

По разговорот со претставниците на граничната стража, армијата и полицијата, во градот Каракула на границата со Белорусија, полскиот премиер рече дека Европа ќе мора да инвестира во својата надворешна граница во Полска, бидејќи тоа е „инвестиција и во европската безбедност“.

„Како што рековме дека нема да штедиме на оружје и армиска опрема, нема да штедиме на обезбедување на границата, не само кога станува збор за инфраструктурата, туку и за опремата за секој војник“, рече Туск.

Полскиот премиер предупреди дека се засилува притисокот на илегалната миграција од Белорусија, која како дел од хибридната војна против Полска ја организира режимот на таа соседна земја.

„Се зголемуваат обидите за илегално преминување на границата, како што очекувавме“, рече Туск.

Видете и ова: Полските земјоделци ја прекинаа блокадата на границата со Украина


Туск вети дека неговата влада ќе подготви измени на законот со цел граничарите, војниците и полицајците да имаат чувство на правна сигурност.

Полскиот министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш претходно оваа недела рече дека земјата треба да има план за изградба на систем на „ровови и бункери“ на источната граница.

Белорусија, најблискиот сојузник на Русија, забележа влошување на односите со нејзините западни соседи и Украина во последниве години, особено откако Москва ја искористи белоруската територија како база за нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Белорускиот лидер Лукашенко ја поддржа руската инвазија на Украина и им дозволи на руските вооружени сили да користат воена инфраструктура и воздушен простор за време на инвазијата.