За претседател на Република Северна Македонија е избрана Гордана Сиљановска-Давкова, со мнозинство гласови од избирачите кои гласале, односно 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски со 251.899 гласови.
Ова го констатираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на денешната седница на ДИК, објавувајќи ги конечните резултатите од гласањето за претседателските избори од 8 мај.
Потоа тој на Сиљановска-Давкова ѝ го врачи Уверението за претседателка.
Записникот за конечност на резултатите од гласањето беше усвоен едногласно на седницата.
За постапката за сумирање на резултатите за претседателските избори до ДИК немаше приговори. За парламентарните што исто се одржаа на 8 мај, доставени се девет приговори од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од „Левица“.
Даштевски посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.
Видете и ова: ЕУ очекува Сиљановска-Давкова и владата да ги исполнат обврските за евроинтеграциите на Северна МакедонијаПо објавувањето на конечноста на изборните резулатати за претседателските избори, ДИК треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за инаугурација на новата претседателка која според најавите ќе одржи утре напладне(12 мај).
Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која започнува да тече нејзиниот мандат. Мандатот на актулениот претседател Пендаровски истекува утре.
Универзитетската професорка Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде шестиот претседател на Северна Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.