Генералното собрание на Обединетите нации денеска (10 мај) ја поддржа палестинската кандидатура за полноправно членство во ОН.
Со резолуцијата таа е признаена како „квалификувана за членство“ и се препорачава Советот за безбедност на ОН повторно „поволно да го преиспита ова прашање“.
Гласањето во 193-членото Генерално собрание беше глобален тест за поддршката на палестинскиот обид за полноправно членство во ОН – такво нешто би значело и признавање на палестинската држава откако САД ставија вето во Советот за безбедност на ОН минатиот месец, пишува Асошиејтед прес (АП).
Видете и ова: Борел: Шпанија, Малта, Ирска и Словенија наскоро ќе ја признаат палестинската независностЗа усвојување на резолуцијата денеска (10 мај) имаше 143 гласа, девет членки беа „против“ – вклучувајќи ги САД и Израел, а воздржани беа 25 земји.
Резолуцијата не им дава на Палестинците полноправно членство во ОН, туку едноставно ги признава како квалификувани да се приклучат на организацијата.
Во неа се „утврдува дека Државата Палестина … треба да биде примена за членство“ и „препорачува Советот за безбедност позитивно да го разгледа прашањето“.
Палестинскиот притисок за полноправно членство во ОН доаѓа по седум месеци војна во Појасот Газа меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас, кои САД, ЕУ и некои други земји го сметаат за терористичка организација, како и во период кога Израел ги проширува населбите на окупираниот Западен Брег, што ОН ги сметаат за незаконски.
„Сакаме мир, сакаме слобода“, рече палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур на седницата на Генералното собрание пред гласањето.
„Гласот ’за‘ е глас за постоењето на Палестина, а не против која било држава … Тоа е инвестиција во мирот. Гласањето ’за‘ е вистинската работа“, рече тој во говорот кој наиде на аплауз, пренесе АП.
Според основачката Повелба на ОН, членството е отворено за „мирољубивите држави“ кои ги прифаќаат обврските од тој документ и се способни и сакаат да ги исполнат истите.
„Се додека многумина од вас ’мразат Евреи‘, всушност не ви е грижа што Палестинците не се ’мирољубиви‘“, рече амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, кој зборуваше по Мансур.
Тој го обвини Генералното собрание за „распарчување на Повелбата на ОН“ и исече копија од Повелбата додека беше на говорницата.
„Срам да ви е“, рече Ердан.
Амбасадорот на Израел во понеделникот рече дека ако мерката биде одобрена, тој очекува САД да го намалат финансирањето на Обединетите нации и нивните институции, во согласност со американскиот закон.
Барањето за полноправна членка на ОН прво треба да биде одобрено од 15-члениот Совет за безбедност, а потоа и од Генералното собрание. Гласањето во Советот за безбедност, пишува АП, најверојатно ќе се соочи со истата судбина – американско вето.
„Советот мора да одговори на волјата на меѓународната заедница“, рече амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во ОН, Мохамед Абушахаб, во говорот пред гласањето.
Резолуцијата која беше усвоена во Генералното собрание им дава на Палестинците некои дополнителни права и привилегии од септември 2024 година, како што е место меѓу членките на ОН во собраниската сала, но не и право на глас.
Палестинците во моментов се „држава набљудувач што не е членка“, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година, пишува АП.
Видете и ова: САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во ОНПалестинската мисија во ОН во Њујорк во писмо до земјите-членки на ОН во четвртокот рече дека усвојувањето на Резолуцијата за поддршка на полноправното членство во ОН ќе биде инвестиција во зачувување на долго бараното решение за две држави.
Се наведува дека тоа „ќе претставува јасна реафирмација на поддршката во овој многу критичен момент за правото на палестинскиот народ на самоопределување, вклучително и неговото право на независна држава“.
Со мисијата во ОН раководи палестинската власт, која има ограничена самоуправа на Западниот Брег.
Хамас ја собори палестинската власт во Газа во 2007 година и усвои своја повелба која повикува на уништување на Израел.
Оваа милитантна организација, изврши напад врз Израел на 7 октомври, по што следеше израелски напад врз Газа.
Обединетите нации долго време ја поддржуваат визијата за две држави кои опстојуваат една до друга во безбедни и признати граници.
Палестинците сакаат своја држава на Западниот Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа, сите територии што Израел ги освои во војната со соседните арапски држави во 1967 година.
Мисијата на САД во Обединетите нации, пак, претходно оваа недела соопшти дека „останува ставот дека патот до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори“.
Видете и ова: Гринфилд: Предлог-резолуцијата за Палестинците ќе помогне во решавање на израелско-палестинскиот конфликтСпоред американскиот закон, Вашингтон не може да финансира ниту една организација на ОН која дава полноправно членство на која било група што нема „меѓународно признати атрибути“ на државност.
Во 2011 година, САД го прекинаа финансирањето на агенцијата за култура на ОН, УНЕСКО, откако Палестинците се приклучија како полноправна членка.
Во четвртокот, 25 американски републикански сенатори, презентираа предлог-закон за заострување на ваквите ограничувања и прекинување на финансирањето на секој ентитет што дава права и привилегии на Палестинците.
Меѓутоа, малку е веројатно дека законот ќе помине во Сенатот, кој е под контрола на демократите на претседателот Џо Бајден, наведува АП.