Долниот дом на рускиот парламент денеска (10 мај) гласаше за именување на Михаил Мишустин за премиер, функција што тој ја извршуваше и во последните четири години.
Неговата претходна влада автоматски поднесе оставка по инаугурацијата на претседателот Владимир Путин на 7 мај, кој потоа предложи и идната влада да продолжи да ја води 58-годишниот Мишустин.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој првпат го номинираше Мишустин за премиер во јануари 2020 година, кога владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка откако беа направени важни уставни промени во политичкиот систем на земјата.
„Мишустин мора да одговори како ќе реши голем број задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече претседателот на Думата, Вјачеслав Володин, во објава на Телеграм.
Видете и ова: Путин повторно го предложи Мишустин за премиерЗа Мишустин, бирократ од кариера, се зборуваше дека нема политички амбиции пред Путин да го назначи за премиер во 2020 година.
Без никакво искуство во безбедносните служби, тој не е дел од фракцијата на ветерани од разузнавачките служби, таканаречените „силовики“ (силни луѓе), блиски до Путин.
Пред да стане премиер, Мишустин една деценија беше на чело на федералната даночна служба.
Нема индикации дека Путин планира голема реконструкција на владата, во која се вклучени ветеранот Сергеј Шојгу, задолжен за руската одбрана од 2012 година и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој е на чело на руската дипломатија веќе две децении.
Повеќето членови на владата се очекува да ги задржат своите работни места, но не е јасно дали Шојгу, министерот за одбрана, ќе биде меѓу нив откако минатиот месец беше уапсен неговиот главен соработник Тимур Иванов.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Иванов, кој беше заменик-министер за одбрана задолжен за големи воени градежни проекти, беше уапсен под обвинение за поткуп.
Апсењето на Иванов нашироко беше протолкувано како напад врз Шојгу и можна најава за негова смена и покрај неговите блиски лични врски со Путин.
Шојгу беше многу критикуван за неуспехот на руската војска во раните фази на борбите во Украина. Тој се соочи со остри напади од водачот на платениците, Евгениј Пригожин, кој пред околу една година маршираше во Москва барајќи соборување на Шојгу и началникот на Генералштабот, генерал Валериј Герасимов.
По смртта на Пригожин во сомнителна авионска несреќа два месеци по бунтот – на што се гледа како одмазда од Кремљ, се чини дека Шојгу ја зајакна својата позиција, пишува Асошиејтед Прес.
Видете и ова: Уште шест години за Путин и пет работи на кои треба да се внимаваНо, апсењето на Иванов, кое многумина го протолкуваа како дел од политичките конфликти во Кремљ, повторно ја разоткри ранливоста на Шојгу.
Мишустин треба да ги претстави своите кадровски предлози на Путин и парламентот. Гласањето за вицепремиерите во руската влада треба да се одржи на 13 мај, а за министрите на 14 мај.