Србија и Косово треба конструктивно да се вклучат во нормализирање на нивните односи за да добијат право на финансирање од Планот за раст на Европската унија, кој неодамна беше усвоен.
„Нормализацијата на односите е суштински услов на европскиот пат за двете страни. И Србија и Косово ризикуваат да изгубат важна можност во отсуство на напредок“, соопштија од прес-службата на Европската комисија.
Во писмената реакција од прес-службата на оваа институција, се потврдува дека без оглед на основните критериуми што секоја земја треба да ги исполни за да има право да добива средства од европската помош, Косово и Србија треба конструктивно да се ангажираат во нормализацијата на нивните односи.
Тоа подразбира, како што се наведува, целосно спроведување на сите обврски кои произлегуваат од Договорот за патеката на нормализација и од Анексот за имплементација, како и сите претходни договори за дијалог, како и вклучување во преговорите за сеопфатниот договор за нормализација на односите.
Видете и ова: Од ЕУ велат дека мерките против Косово остануваат на силаПланот за раст е досега најамбициозниот финансиски пакет на ЕУ за земјите од Западен Балкан. Се состои од шест милијарди евра, од кои две милијарди ќе бидат доделени во форма на грантови, а останатите четири милијарди во форма на заеми со многу поволна каматна стапка. Тој беше претставен во ноември 2023 година, а официјално беше усвоен минатата недела.
Како што објаснуваат претставници на Европската комисија, за да има корист од овој инструмент, секоја земја-корисничка ќе треба да подготви реформска агенда, која ќе биде консултирана, евалуирана и одобрена од Комисијата и доколку е потребно од земјите-членки на ЕУ.
Плаќањата според Планот подлежат на строги услови. Во рамките на овој фонд тоа ќе важи и за социо-економските реформи.