Борел: Шпанија, Малта, Ирска и Словенија наскоро ќе ја признаат палестинската независност

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел

Шпанија, Малта, Ирска и Словенија наскоро официјално ќе ја признаат државата Палестина, што би можело да ги поттикне и другите земји од ЕУ да го сторат истото, изјави денеска високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Тој потврди дека добил гаранции од шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес дека Мадрид официјално ќе ја признае Палестина на 21 мај.

Борел рече дека Белгија сега нема да ја признае „независна Палестина“, но оти Брисел „не ја исклучува“ таа можност во иднина, пренесува шпанска РТВЕ.

Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, вчера изјави дека словенечката влада ја почнала процедурата за „признавање на независна, суверена држава Палестина“.

Фајон објасни дека одлуката на словенечката влада се заснова на „границите меѓу Израел и Палестина од 1967 година, што значи дека територијата на Палестина би ги опфаќала Појасот Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим“.

Видете и ова: Генералното собрание на ОН повторно ќе расправа за кандидатурата на Палестинците за членство

Војната во Појасот Газа почна кога Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство, извршија невиден напад врз Израел на 7 октомври, при што загинаа околу 1200 луѓе, главно цивили, според израелските власти.

Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега загинаа повеќе од 34 900 луѓе - две третини од нив жени и деца и рани повеќе од 78 500, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас.