Спроведовме европски избори во слободни, мир, фер и демократски изборни процеси во двата изборни круга. Со тоа, со право можам да оценам дека придонесовме во европското поведение на земјата, која што стреми да биде членка на ЕУ, порача на денешната прес-конференција техничкиот премиер Талат Џафери.
Тој на прес-конференцијата на којашто се осврна на работата на Владата во изминатите 100 дена, посочи дека овие избори ќе се спомнуваат по тоа како може и како треба да се работи во интерес на граѓаните и државата.
„Се обврзав пред граѓаните дека ќе овозможиме слободно изразување на граѓанската волја на претседателските и парламентарни избори. Ова е обврска доверена согласно Уставот и законите и јас како премиер и Владата доследно ја исполнивме. Потврда на моите зборови се и честитиките и изразите на почит на нашите европски партнери. Ако по нешто се оценуваат европските и демократските капацитети на една власт, тогаш тоа се изборите“, рече Џафери.
Видете и ова: ОБСЕ/ОДИХР: Изборите беа конкурентни, забелешки за изборното законодавствоСпоред Џафери, сега треба и мора да се продолжи по европскиот пат, со преточување на граѓанската волја во новата извршна власт.
Тој немаше конкретен одговор на прашањето дали е подготвен да замине во опозиција со оглед на изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нема да преговара за коалиција со Демократската унија за интеграција.
„Јас сум премиер и размислувам за мандатот што треба да го завршам. Тоа се прашања на органите на партијата и во тој контекст да завршат преговорите, другото е прашање на исходот од преговорите за состав на нова влада“, рече техничкиот премиер Џафери.
На парламентарните избори на 8 мај коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ освои 19 мандати, а нивниот ривал во албанскиот блок, коалицијата ВЛЕН доби 13 мандати.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кои освоија 58 мандати во Собранието, по изборите кажа дека ќе преговараат со ВЛЕН за состав на новата Влада.