Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се надева дека ќе бидат надминати несогласувањата со американскиот претседател Џозеф Бајден кога е во прашање војната во Газа и дека Израел „нема друг избор освен да го уништи Хамас“, вклучувајќи ги и припадниците на таа група во Рафа. Хамас е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ.
„Ние често се согласувавме, но имавме и несогласувања. Бевме во состојба да ги надминеме. Се надевам дека ќе можеме да ги надминеме сега, но ќе го направиме тоа што треба да направиме за да ја заштитиме нашата земја. Ако не ги уништиме, ако ги оставиме, тие ќе се вратат. Ќе излезат од тунелот, повторно ќе ја преземат Газа и ќе го направат тоа што го ветија, ќе го направат 7 октомври, овој огромен масакр повторно, повторно и повторно“, рече Нетанјаху во интервју за емисијата „Д-р Фил Прајтајм“, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Видете и ова: Бајден: Ако израелската армија влезе во Рафа, САД ќе престанат да испорачуваат оружјеЕмисијата во која беше интервјуиран Нетанјаху е снимена завчера, пред Бајден да предупреди дека ќе ја прекине испораката на оружје за Израел доколку израелската војска започне голема инвазија на Рафа.
Израелската армија сепак вчера (9 мај) го гранатираше Рафа. И покрај меѓународното противење Израел веќе испрати тенкови и врши „целни упади“ во пограничниот град, за кој тврди дека е упориште на преостанатите баталјони на Хамас.