ОБСЕ/ОДИХР: Изборите беа конкурентни, забелешки за изборното законодавство

Прес конференција на ОБСЕ/ОДИХР за прелиминарните резултати од двојните избори на 8 мај

Парламентарните и претседателски избори беа конкурентни и основните слободи беа почитувани. Процесот останува недоволно регулиран, а изборното законодавство обезбедува соодветна рамка за одржување демократски избори, но празнините ја загрозуваат правната сигурност поради што е потребна нивна ревизија.

Ова се прелиминарните заклучоци на меѓународната набљудувачка мисија за вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори што се одржаа на 8 мај во Северна Македонија.

„За жал, Изборниот законик неодамна беше изменет во недоволно транспарентна забрзана постапка и без консултации со јавноста што не е во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ. Иако во измените беа вклучени некои од претходните препораки на ОДИХР и технички предлози на ДИК, тие во голема мера не ги зедоа во предвид препораките на меѓуагенциската работна група задолжена за изборните реформи. Голем број на клучни препораки на ОДИХР и на Венецијанската комисија при Советот на Европа останаа нерешени вклучувајќи ги и оние за системско ревидирање на Изборниот законик, за обезбедување еднаков пристап до медиумите во изборните кампањи и за зголемување на отчетноста и интегритетот на финансирањето на кампањата, истакна шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилјиан Стирк.

Видете и ова: ОБСЕ/ОДИХР: Заклучоците за изборниот ден ќе ги соопштиме на 9 мај

Стирк нагласи дека покривањето на кампањата во медиумите им даде можност на гласачите да направат информиран избор, но негативната реторика и националистичките слогани го нарушиле стабилниот предизборен период.

Во однос на транспарентноста и отчетноста во финанансањето на кампањата се посочува дека тие биле ослабени поради минималните обврски за финансиско известување и ограничениот капацитет на надзорните органи вклучувајќи и за следење на злоупотребата на административните ресурси.

Во прелиминарниот извештај се наведува дека ДИК и Управниот суд не секогаш адекватно ги решаваат приговорите поврзани со изборите на навремен и транспарентен начин. Оценката е дека била ограничена ефективноста на правните лекови.

За изборите се наведува дека биле организирани ефективно, но, се посочува дека честите наводи за купување гласови во предизборниот период пред гласањето влијаело на довербата во процесот.

За самиот изборен процес, се наведува дека во набљудуваните избирачки места процесот на гласање бил уреден, транспарентен и позитивно оценет. Но се забележува, во неколку случаи избирачките одбори не се придржувале целосно до пропишаните процедури при пребројувањето на гласовите.

Видете и ова: За изборите на 8 мај акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи

Во контекст на родовата рамноправност во извештајот се нагласува дека со забележителниот исклучок на една жена претседателски кандидат во вториот круг во кампањата, генерално биле вклучени малку жени политичарки.

Учесниците во меѓународната набљудувачка мисија набљудувале вкупно 1340 избирачки места при што позитивно ги оцениле процедурите за гласање во огромно мнозинство од нив. Сепак се посочува биле забележани некои случаи на групно и семејно гласање.

Меѓународната набљудувачка мисија на денот на изборите имаше распоредено 344 набљудувачи од 42 земји. Конечните резултати за првиот и вториот круг за претседателските како и за параментарните избори ОБСЕ/ОДИХР најави дека ќе го објави за два до три месеци.