Израел го нападна источниот дел на Рафах, САД со закана дека ќе го запрат снабдувањето со оружје

Палестинец ја напушта куќата погодена од израелски напад во услови на судири меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас, во Рафаh, во јужниот дел на Појасот Газа, на 9 мај 2024 година.

Израелски тенкови и воени авиони ги бомбардираа областите на Рафах во четвртокот, изјавија палестински жители, откако американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе му го задржи оружјето на Израел доколку неговите сили извршат голема инвазија на јужниот град Газа.

Додека преговорите за прекин на огнот продолжија во Каиро, палестинските милитантни групи Хамас и Исламски Џихад соопштија дека нивните борци истрелале противтенковски ракети и минофрлачи врз израелските тенкови натрупани во источната периферија на градот.

Жителите и здравствените работници во Рафах, најголемата урбана област во Газа која сè уште не е нападната од израелските копнени сили, рекоа дека израелски напад врз џамија уби најмалку три лица, а други се ранети во блискиот кварт на Бразил.

Видете и ова: Израелската армија нареди евакуација пред операцијата во Рафа

На видеото од местото на настанот се гледа како минарето лежи во урнатини, две тела завиткани во ќебиња и едно рането кое е однесено.

На источниот раб на градот, жителите рекоа дека хеликоптер отворил оган, додека беспилотни летала летале над куќите во неколку области.

Директорот на ЦИА Вилијам Барнс се врати од Ерусалим во египетската престолнина и во четвртокот ги продолжи состаноците со посредниците кои се обидуваат да обезбедат прекин на огнот, изјавија два египетски безбедносни извори.

Во своите најостри коментари досега, Бајден го засили притисокот врз Израел да се воздржи од сеопфатен напад врз Рафах, каде што стотици илјади Палестинци побараа засолниште откако избегаа од борбите на друго место во Газа.

Израелски тенкови во вторникот го окупираа граничниот премин Рафа од палестинска страна. Тие ја прекинаа виталната излезна рута од Појасот Газа, принудувајќи 80.000 луѓе да го напуштат градот оваа недела, според Обединетите нации. Израел вели дека мора да го освои Рафах за да ги победи илјадниците борци на Хамас за кои тврди дека се таму.

„Јасно ставив до знаење дека ако одат во Рафа, ... јас не го доставувам оружјето“, изјави Бајден во интервјуто за Си-Ен-Ен во средата.

Соединетите Американски Држави се убедливо најголемиот снабдувач на оружје за Израел и ја зголемија испораката по нападот на Хамас на 7 октомври, кој ја започна офанзивата на Израел во Газа. Бајден призна дека американските бомби убиле палестински цивили во седуммесечната офанзива.

Американските власти соопштија дека Вашингтон ја запрел пратката од 1.800 бомби од 900 килограми и 1.700 бомби од 200 килограми за Израел поради ризикот за цивилите во Газа.

Од вторник во Каиро се одржуваат состаноци на делегациите на Хамас, Израел, САД, Египет и Катар.

Повикувајќи се на извор запознаен со ова прашање, египетската државна телевизија Ал Каиро во четвртокот наутро објави дека областите на несогласување се решаваат и дека постојат знаци дека ќе биде постигнат договор, без да даде детали.

Но, Изат Ел-Решик, член на политичката канцеларија на Хамас во Катар, во изјава доцна во средата рече дека групата нема да оди подалеку од предлогот за прекин на огнот што го прифати во понеделникот.

Тоа би вклучувало и ослободување на некои израелски заложници во Газа и палестински жени и деца приведени во Израел.

„Израел не е сериозен за постигнување договор и ги користи преговорите како фронт за да го нападне Рафах и да го заземе преминот“, рече Решик.

Првиот човек на ЦИА, Вилијам Барнс, беше на релација Каиро-Ерусалим, каде во средата се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Видете и ова: Израел тврди дека го затворил преминот за хуманитарна помош за Газа

Претходно оваа недела, Израел рече дека предлогот за примирје од три фази, одобрен од Хамас, е неприфатлив бидејќи условите биле намалени.

Војната започна кога милитантите на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, при што загинаа околу 1.200 луѓе. Во таа прилика милитантите киднапирале 252 лица, од кои 128 се заложници во Газа, а 36 се прогласени за мртви, според последните израелски податоци.

Во нападот на Израел врз Газа, според Министерството за здравство на Газа, загинале 34.904 Палестинци, од кои повеќето цивили.