Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, на коалицијата „Твоја Македонија“ и други граѓани се собраа на плоштадот „Македонија“ во Скопје каде со музика и со развеани знамиња се слави двојната победа на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателската кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова на парламентарните и вториот круг претседателски избори што на 8 мај се одржаа во Северна Македонија.
Видете и ова: Познат идниот состав на ПарламентотДржавната изборна комисија (ДИК) го објави распоредот на мандатите по партии и коалиции во идниот состав на македонското собрание, од обработени 94, 5 отсто гласови. Според распоредот, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори освоила вкупно 59 пратенички места и има убедливо водство пред останатите.
Следна е коалицијата на СДСМ со освоени 19 пратенички места.
„Европски фронт“ на ДУИ има освоено 18 мандати, коалицијата „Вреди“ добива 13 пратенички места, „Левица“ би имала 6 пратеници, а ЗНАМ има шест пратенички места.
На насобраните граѓани им се обрати Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, на прес-конференција во седиштето на партијата, Мицкоски прогласи историска победа на народот во Македонија, најави дека новата влада ќе се формира во најкраток можен рок и кажа дека е време СДСМ и ДУИ да одат во опозиција.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски им ја честитаа победата на ВМРО-ДПМНЕ и на Сиљановска-Давкова.
Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.