Фатмир Битиќи си поднесе оставка од потпретседател на СДСМ

Фатмир Битиќи

Потпретседателот на СДСМ и досегашен потпретседател на Владата за должен за европски прашања си поднесе оставка од партиската функција. Вечерва на социјалната мрежа Фејсбук со стаус објави дека причината е огромниот пораз кој го доживеа неговата партија, но дека очекува и неговите сопартијци да го сторат истото.

„Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех“, напиша Битиќи.

Видете и ова: Познат идниот состав на Парламентот


Според него ова е апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.

„Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции.“, напиша Битиќи кој истовремено снимил и видео порака до граѓаните

Инаку Битиќи беше втор на листата во втората изборна единица и стана дел од новиот парламентарен состав.