Ова е историска победа на Македонија и на народот во Македонија, оцени Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето по денешните парламентарни и претседателски избори и најави декановата Влада ќе се формира во најкраток можен рок и во транспарентен процес.
„Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, на гордиот народ кој покажа решителност и смиреност. Падна Владата во Македонија. Има причина за тоа. Криминалот, корупцијата, неспособноста, лажните вредности, одземената држава, тендерите, непотизмот и уште стотина други последици кои направија државата да страда, а народот да е разочаран“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека е поразен и бојкотот од ДУИ, со што „народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себе“.
„Време да одат задно со СДСМ во опозиција. Народот ја одржа најважната лекција кон власта и си ја спаси државата. Вечерва се покажа дека нема македонија на ДУИ, на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, нема лева или десна, источна или западна Македонија. Има само една единствена и вечна, независна, слободна Македонија“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека резултатите од работата ќе се почувствуваат уште во првите сто дена од формирањето на владата и најави силен инвестициски пакет кој ќе ја поттикне економијата.
Видете и ова: Ковачевски: Резултатот е разочарувачки, повикувам на нови внатрешни избори во СДСММицкоски се обрати и до членството и идните функционери од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори и порано или подоцна следува одговорност. Да го запомниме тоа затоа што од судот на народот никој не избегал, како ни од судот на Бога. Не ги заборавјте овие луѓе, оставете бел образ, бидете одговорни и чесни. Паметните учат од туѓуте грешки, немој ни на крај памет да ви падне да го потцените мудриот народ на Македонија. Имаме причина да се радуваме, да сме задоволни и длабоко благодарни, но и лекција да не влегуваме во еуфорија, ароганција и самобендисаност“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека на земјава ѝ е потребна силна опозиција и рамнотежа во политиката. Најави дека ќе разговара и со сите опозициски партии што учествуваа на изборите и да видат што може да биде заедничка точка на поврзување.
Видете и ова: Гордана Сиљановска Давкова ќе стане првата жена претседателПо обраќањето, Мицкоски ги повика граѓаните на заедничка прослава на плоштадот „Македонија“ во Скопје и на плоштадите во другите градови.
Претходно, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски им ја честитаа победата на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателската кандидатка на оваа партија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.