Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и од поддржувачите на партијата, рече Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места на парламентарните и втор круг претседателски избори во Северна Македонија.
Тој ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната претседателска кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, кои според првичните резултати се во водство пред СДСМ и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
„Ја честитам победата на нашиот политички конкурент ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски. Го честитам изборот на Гордана Сиљановска-Давкова за претседател на Републиката и се надевам и посакувам дека функцијата ќе ја извршува во согласност со дадените уставни овластувања и евроатланската посветеност на државата“, рече Ковачевски.
Тој кажа дека поддржувачите на СДСМ излегоа на изборите и придонесоа да се постигне цензусот, иако најлесно било да не го мобилизираат членството за гласање на претседателските избори.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова: Ќе бидам претседател на сите граѓаниКовачевски повика на внатрешни избори сите органи и тела на СДСМ, на централно и локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата. Ќе биде свикан отчетен Конгрес на кој ќе се разгледаат причините за изборниот резултат и работењето на партијата во последните четири години.
Тој зборуваше и за „дефектите на системот што ја јаде и разорува државата и мора конечно да се промени“.
„Не се сомневам дека многу граѓани вечерва чувствуваат страв - страв од прекумерната моќ што ја има партија која е позната по злоупотребата на моќта. СДСМ мора да биде одговорна и државничка опозиција. Вистината со која живеам веќе две години е дека актуелниот систем во кој живееме види повеќе сметка за ПР отколку за суштината. И граѓаните со право не веруваат веќе во ништо. Корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција, нискиот просечен раст на економијата од само 1,9 отсто во минатите 30 години, непотизмот, клиентелизмот, бизнис интересите, етничкиот професионализам.. “, рече Ковачевски.
Тој рече дека местото на Македонија е во НАТО и во Европската унија.
„Ги предупредувам сите кои мислат дека денешното гласање било против Европа или ќе се обидат да ја искористат можноста да го спречат природниот пат на Македонија кој води до ЕУ, блокирањето на тој пат, не само што ќе донесе голем пад на животниот стандард туку ќе ги зголеми етничките тензии и ќе не изложи на безбедносен ризик кој никој од нас не може да разбере колку може да биде голем. За земја како Македонија нема средина, нема играње на две столчиња, тоа е или напред или назад“, рече Ковачевски.
Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.