Пендаровски им честита на победниците на изборите

Северна Македонија - Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија и кандидат за втор мандат на претседателските избори, Скопје, 8 мај 2024 година

Стево Пендаровски, актуелен претседател на Северна Македонија и кандидат за втор мандат во вториот круг на претседателските избори, го призна поразот на двојните, претседателски и парламентарни избори на 8 мај.

„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги образложувам. Согласно резултатите што ги водовме досега, сакам да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните четири години, односно пет години“, рече Пендаровски во првото отворање по затворањето на гласачкото место.

Тој рече дека неговиот концепт „за мултиетничка Македонија, целосно интегрирана во евроатланските структури, денес за жал не доби мнозинска поддршка.

„Јас сум длабоко убеден дека само така Македонија може да биде демократска и просперитетна држава. Затоа мојата совест е мирна. Не сум сигурен дека совеста е мирна на оние кои не дозволија на граѓаните да го земат второто ливче и да гласаат на претседателските избори денеска“, рече Пендаровски.

Видете и ова: Првични резултати: Сиљановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ водат на двојните избори

На прашање дали смета дека неговиот пораз на изборите е поради политиките на СДСМ, Пендаровски одговори:

„Долги месеци пред да ја најавам втората кандидатура реков дека е важно да имате партиска поддршка, бидејќи живееме во држава која е силно партизирана. Ми беше важно да видам во каква кондиција ќе биде коалицијата. Уште пред Нова година знаев дека не се во онаа кондиција којашто биле пред пет години. Меѓутоа анкетите покажуваа дека мојот личен рејтинг е над партијата и над таа коалиција, а тоа ми даде надеж да се надевам повторно да бидам реизбран“, рече Пендаровски.

Пендаровски кажа дека ќе се врати да предава како професор на факултет каде што беше и претходно, пред да биде избран за претседател во 2019 година.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.