Затвореници во Украина ќе служат војска

Архивска фотографија - затвореници во украински затвор

Украинскиот парламент одобри нацрт-закон со кој ќе се овозможи одредени категории затвореници да служат во вооружените сили на Украина во одбрана од руската инвазија.

Законот беше усвоен по второто читање на 8 мај и беше поддржан од 279 од вкупно 450 пратеници.

Предлог-законот треба да биде потпишан од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој ја поддржа идејата.

Руската војска, исто така, регрутирала потенцијални војници од своите затвори да служат во Украина во замена за имунитет.

Олена Шулјак, шефот на партијата на украинскиот претседател, во објава на Фејсбук напиша дека нацрт-законот отвора можност одредени категории затвореници кои изразиле желба да ја бранат својата земја да се приклучат на одбранбените сили.

Таа рече дека воената служба ќе биде доброволна, а некои затвореници ќе бидат исклучени, вклучително и оние кои се осудени за одредени кривични дела како што се убиство на две или повеќе лица, сексуално насилство и сериозна корупција.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украинци во странство во неизвесност поради новите правила за мобилизација

Во април Украина усвои закон за воена мобилизација со цел да го зголеми бројот на војници во војската.

Тој закон ги обврзува Украинците, на возраст меѓу 18 и 60 години, да ги информираат воените власти за нивните лични податоци за да можат полесно канцелариите за регрутирање да видат кој во кој регион може да се мобилизира.

Украина, исто така, ги ограничи конзуларните услуги во своите дипломатски претставништва за мажи на старосна граница кои можат да служат војска, но се наоѓаат во странство.

Русија, исто така, воведе строги мерки со цел да спречи да се избегнува служењето војска, откако илјадници млади мажи ја напуштија Русија во првите денови по инвазијата.