Од денес „Вреди“(„Влен“) е новиот сериозен политички фактор кој достоинствено ќе ги застапува Албанците, рече лидерот на Демократското движење, Изет Меџити кој е дел од здружената албанска опозиција на прес-конференција во седиштето на партијата во Скопје.
Според него, „„Вреди“ е апсолутен победник во албанскиот кампус и од утре почнува промената на власта“.
„Денес драги Албанци партијата која владееше со институциите 22 години го покажа своето вистинско лице. Партијата која на изборите излезе под името Европски фронт, партијата која 22 години се фалеше како единствен проевропски субјект во државата, партијата која и во оваа кампања зборуваше како многу брзо ќе не интегрира во ЕУ, денес го бојкотираше изборниот процес. Јавно го прашуваме министерот за надворешни работи Бујар Османи кој својот најголем успех го прогласи претседавањето на ОБСЕ како ќе го оправда бојкотот на изборите и примитивното однесување на денот на изборите утре пред меѓународните партнери“, рече Меџити.
Со денешниот ден, според Меџити, лидерот на ДУИ Али Ахмети ја запечатил својата изолација од сите релевантни општествени и политички чинители и фактори во државата, како и од меѓународните партнери.
Меџити оцени дека изборниот ден не бил демократски затоа што „државни институции кои имаат задача да го гарантираат процесот повторно се ставија во служба на ДУИ“.
Здружената албанска опозиција слави на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, а следната прес-конференција, како што најавија, ќе ја одржат во Тетово.