Европскиот фронт денеска оствари голема победа, како што победи и пред две недели и таа е одлучувачка за натамошното унапредување на демократијата, рече шефот на изборниот штаб на Европскиот фронт, Арбер Адеми на првата прес-конференција по затворањето на избирачките места.
Toj изрази очекување дека коалицијата Европски фронт ќе добие најмалку 20 пратеници.
„Процесот на изборите денеска се одвиваше мирно и без инциденти и верувам дека нема има проблеми. Изразуваме благодарност на секој гласач што ја избра европската иднина, но воедно ги осудуваме обидите од страна на опозицијата која со лажни вести сакаше да сее паника и страв“, рече Адеми.
Видете и ова: Муцунски: Македонија ќе има нов претседател, извесно е дека ДУИ оди во опозиција
На новинарско прашање дали Европскиот фронт повикуваше на бојкот на изборите, Адеми рече: „Имавме сооппштение дека Европскиот фронт остави на поддржувачите сами да изберат дали ќе гласаат за избор на претседател на државата. Тоа според бројките за излезноста се гледа, има помала излезност на претседателските во однос на парламентарните избори, но таа не е одлучувачка. Имало наши поддржувачи кои гласале, и има поддржувачи кои не гласале за претседателските избори“.
Тој наведе дека на изборите гласале лидерот на ДУИ, Али Ахмети, техничкиот премиер Талат Џафери, заменик министерот за внатрешни работи, без да каже дали тие гласале и на двојните избори.
На прашањето дали тој лично гласал за претседателските избори, Адеми одговори дека не гласал.
Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.