Секоја партија за своите постапки во изборите треба да одговори пред себе и пред граѓаните, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места, одговарајќи на новинарско прашање за бојкот на претседателските избори во општините со доминантно албанско население.
„Секоја партија како настапи на овие избори треба да одговори кон себе и граѓаните. СДСМ и коалицијата повикуваа на масовност, граѓаните да го искористат правото на глас и на парламентарните и на претседателските избори“, рече Кузеска.
Видете и ова: Муцунски: Македонија ќе има нов претседател, извесно е дека ДУИ оди во опозицијаТаа оцени дека изборниот ден беше „успешен, мирен и достоинствен, како што ѝ доликува на земја членка на НАТО и земја со почнати преговори со ЕУ“.
Кузеска рече и дека граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму, а СДСМ ги очекува првичните изборни резултати.
Следната прес конференција од СДСМ ќе ја држи претседателот на партијата Димитар Ковачевски, а за времето на одржување ќе информираат дополнително од партијата.
Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.