Се затворија гласачките места, се очекуваат првични резултати

Севернa Македонија - претседателски и парламентарни избори, Скопје, 8 мај 2024 година

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на двојните избори во Северна Македонија - парламентарните, на кои граѓаните избираат пратеници во Собранието и вториот круг на изборите за претседател на државата.

Гласачките места беа отворени утрово во 7 часот.

За парламентарните избори, во избирачкиот список се запишани 1.815.350 избирачи, кои гласаат на вкупно 3.477 избирачки места.

Право на глас на претседателските избори, пак, имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

„ДИК целосно ги спроведе сите изборни дејствија стого по закон. Посебен успех е затоа што ниедна од заинтересираните страни, од учесниците во постапката како што се политичките партии, граѓаните, невладините и меѓународните организации не ставија никаква примедба на гласачкиот процес“, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски по затворањето на избирачките места.

Според последниот пресек за излезеноста направен од ДИК, до 18:30 часот на парламентарните избори гласале 53,32%, а на претседателските 46,31%.

Најголем одзив на гласачите за претседателските избори има во општините Новаци (72,76%), Росоман (72,09%) и Крива Паланка (72,02%), а најмала излезност е регистрирана во Липково (7,35%), Врашпчиште (11,44%) и Боговиње (11,93%).

Во однос на парламентарните избори, мапата на ДИК покажува најмала излезност во Изборната единица 6 (40,4%), а најголема во Изборната единица 1 (59,48%).

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Гласање без проблеми: „Кој и да победи, нека има мир“

Актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од владејачкиот СДСМ и Коалицијата за европска иднина бара втор петгодишен мандат. Негов ривал е досегашната пратеничка Гордана Сиљановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, која по првиот круг од изборите оствари убедлива победа.

За да бидат успешни изборите потребно е еден од нив да освои мнозинство гласови од граѓаните што излегле да гласаат, но под услов излезност да е најмалку 40 отсто од запишаните во Избирачкиот список. Цензусот, како што покажаа последните податоци од ДИК, е исполнет.

Во борбата да освојат пратенички мандат во 120-члениот парламент, пак, се 17 кандидатски листи поднесени од партии и коалиции. За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие. Повеќето од партиите и коалициите за овие избори имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.

Изборите ќе ги следат 1078 домашни и 770 странски набљудувачи.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори.