Припадник на американската војска, еден од двајцата Американци уапсени од Русија во два одделни случаи откриени на 7 мај, ги прекршил воените правила патувајќи во рускиот град Владивосток до каде пристигнал преку Кина, соопшти Пентагон.
Притворањето повторно го отвори прашањето за тоа дали руските власти намерно ги таргетираат Американците за потенцијална размена на затвореници.
Портпаролката на судот во Владивосток на 7 мај изјави дека американскиот наредник Гордон Блек бил уапсен пет дена претходно под обвинение за „предизвикување значителна штета на граѓанин поради кражба“.
Како што соопшти судот, тој ќе остане во притвор најмалку до 2 јули, односно до почетокот на судењето.
Видете и ова: Русија го објави името на уапсениот американски војник „обвинет за кражба“Американските власти потврдија дека Блек бил уапсен во Русија, каде една жена го обвинила за кражба.
Тој беше стациониран во Јужна Кореја, каде американската војска има околу 28.500 војници, и требало да се врати дома во Форт Кавазос, Тексас, но наместо тоа, отпатувал за Русија без да ги извести своите претпоставени.
„Наместо да се врати во САД, Блек од лични причини полета од Инчеон, Република Кореја преку Кина до Владивосток, Русија, се вели во соопштението на војската.
Руските власти на 7 мај соопштија дека во друг случај уште еден Американец идентификуван од судските службеници како Вилијам Расел Никум, бил уапсен пред 10 дена во Москва под обвинение за „ситно хулиганство“ и алкохол.
Белата куќа соопшти дека Стејт департментот „активно бара конзуларен пристап до двете лица од кои ниту еден не е во Русија во име на американската влада“.
Притворот на војниците се надополнува на списокот на американски државјани кои се држат во Русија под различни околности.
Видете и ова: Бајден повика на ослободување на затворените новинариМеѓу затворениците се новинарите Алсу Курмашева од Радио Слободна Европа и Еван Гершкович од Волстрит журнал, кои беа уапсени под обвинение кои тие, нивните работодавци и нивните поддржувачи ги отфрлаат како политички мотивирани.
Исто така, Американецот Пол Вилан беше осуден на 16 години затвор во Русија поради обвиненијата за шпионажа што тој и американската влада постојано ги негираат.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека случаите Блек и Никум не се политички и оти ниту еден од нив не бил обвинет за шпионажа.
Во септември 2023 година, Стејт департментот издаде предупредување до граѓаните на САД да не патуваат во Русија, како мерка на претпазливост поради поддршката на Вашингтон за Украина во нејзината борба против руската инвазија.