Посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија „е темпирана да ги зголеми тензиите меѓу Србија и остатокот од западната заедница“, изјави претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на 8 мај, на последниот брифинг со новинарите во неговиот мандат што истекува на крајот на месецот.
„Верувам дека времето на посетата е несреќно, но намерно избрано“, рече Ескобар, посочувајќи дека посетата на кинескиот претседател се совпаѓа со годишнината од бомбардирањето на НАТО на кинеската амбасада во Белград.
Видете и ова: Си и Вучиќ од Белград со порака за „заедничкото челично пријателство“На 7 мај 1999 година, пет бомби ја погодија кинеската амбасада.
„САД соопштија дека бомбардирањето на кинеската амбасада во 1999 година е случајно. Се извинивме. Верувам дека дури и плативме репарации на семејствата“, рече Ескобар.
По повод посетата на кинескиот претседател, тој рече и дека земјите кои тој ги избрал да ги посети се „отворени да го оспорат единството на евроатлантската заедница“.
„И затоа ги предупредуваме сите наши партнери да бидат многу свесни за агендата на Кина во Европа и за агендата на Кина во однос на евроатлантската заедница“, рече тој.
Загриженост дека Косово нема да добие гласови за влез во Советот на Европа
Ескобар на брифингот зборуваше и за членството на Косово во Советот на Европа за што рече дека неколку земји членки на ова тело побарале Приштина да ја формира Заедницата на општини со српско мнозинство.
Во разговор со новинарите, тој посочи дека прашањето за Заедницата на општините, заедно со некои други прашања поврзани со српското малцинство, кои не се исполнети, се дел од постојаните барања за Косово.
„Тоа е она што ја поттикнува загриженоста дека Косово можеби нема да ги има гласовите за Советот на Европа“, изјави Ескобар на 8 мај.
Видете и ова: Косово направи чекор напред кон членство во Советот на ЕвропаТој рече дека САД немаат право да гласаат во оваа европска организација за човекови права, но ставот на Вашингтон е дека Косово треба да биде полноправна членка на Европската унија, НАТО и Обединетите нации.
„Што се однесува до европската интеграција, мислам дека е важно Косово да ги слуша своите европски сојузници и да работи со нив додека ја зајакнуваме кандидатурата на Косово во сите евроатлантски структури“, додаде тој.
Ескобар изјави и дека жали што за време на неговиот мандат не бил спроведен договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Тој посочи дека двете земји се одговорни за неисполнување на обврските кои произлегуваат од тој договор.