Во Тбилиси повторно се одржаа протести против таканаречениот закон за „странски агенти“, кој го чека конечното читање во грузискиот парламент.
Демонстрациите вчера на 7 мај започнаа пред зградата на парламентот, по што насобраните се упатија кон седиштето на владејачката партија „Грузиски сон“, каде беа пречекани од полициски кордон.
Немаше какви било новинарски извештаи за насилство, јавува РСЕ на англиски јазик.
Откако грузискиот парламент го усвои контроверзниот закон за „странски агенти“ на второ читање, десетици илјади демонстранти излегоа на улиците на Тбилиси. Десетици од нив беа приведени или повредени за време на протестот.
Демонстрантите тврдеа дека, покрај водени топови и солзавец, полицијата употребила и гумени куршуми на претходните протести.
Радио Слободна Европа собра изјави од очевидци, фотографски докази за повредите, ги интервјуираше тројцата повредени и ги сними гумените куршуми на местото каде што наводно биле испукани. Грузиската влада негираше дека биле користени гумени куршуми.
Еден од организаторите на последниот протест, Звиад Цецхладзе, рече дека противниците на законот создале група која ќе се обиде финансиски да ги поддржи лицата кои биле отпуштени од работните места во јавните служби поради нивното противење на законот.
Репресијата во Тбилиси генерално се намали по православниот Велигден, иако помалите протести продолжија и се проширија во значителен број во другите градови.
Видете и ова: Грузискиот парламент го усвои законот за „странски агенти“Контроверзниот предлог-закон вели дека медиумите, невладините и другите непрофитни организации мора да се регистрираат дека „ги застапуваат интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 отсто од нивното финансирање доаѓа од странство.
Нацртот првично беше испратен до парламентот во февруари 2023 година, но беше повлечен следниот месец поради бранот протести и притисокот од западните земји.
По ревизијата, предлог-законот го замени терминот „агент на странско влијание“ со „организација која ги промовира интересите на странска сила“, додека останатата содржина на законот остана иста.
Владата инсистира дека законот ќе биде во согласност со стандардите на ЕУ и дека нејзината намера е само да ја зголеми „транспарентноста“ и да го спречи „штетното странско влијание“ на политичката сцена во земјата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Се очекува третото и последно читање на законот во парламентот да се одржи до 13 мај.
Наводно, партијата Грузиски сон и нивните партнери контролираат доволно гласови за да го спроведат законот и потенцијално да го отфрлат ветото што го вети претседателот на земјата, Саломе Зурабичвили.
Лидерите на Европската Унија се на став дека спроведувањето на законот негативно ќе влијае на надежите на Грузија конечно да стане членка на ЕУ, а осуда стигна и од САД.
Минатогодишните анкети покажуваат дека речиси 90 отсто од грузиските граѓани го поддржуваат влезот на земјата во ЕУ.