ОБСЕ/ОДИХР: Заклучоците за изборниот ден ќе ги соопштиме на 9 мај

Џилијан Стирк, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во Северна Македонија, 8 мај 2024 година

Џилијан Стирк, која ја предводи мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите во Северна Македонија, изјави дека заклучоците ќе ги соопшти откако ќе ги добијат резултатите од нивните набљудувачи распоредени низ државава, додавајќи дека мисијата на ОДИХР ги оценува изборите во согласност со меѓународните обврски и домашното законодавство.

„Избирачкото место каде што сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата кои ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи“, изјави Стирк по посетата на гласачко место во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар.

Видете и ова: Двојни избори - Двојна победа

Првичните резултати од набљудувањето мисијата ќе ги соопшти утре (9 мај).

Претставничката на ОДИХР со нејзиниот тим е во Скопје од 20 март и, како што рече, имаат и долгорочни набљудувачи распоредени низ целата земја на девет различни локации следејќи ги сите аспекти во подготовките за овие избори.

Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите има повеќе од 300 набљудувачи на гласачки места низ државава за следење на вториот круг од претседателските избори и на парламентарните избори.