Излезноста на претседателските избори до 11 часот часот е 12, 87 отсто, а за парламентарните 13, 69 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.
„Најголем одзив на гласање за претседателските избори има во општина Пробиштип (27,85%), а најмала е излезноста во општина Липково (1,76%). Во однос на парламентарните избори, најголем е одзивот во општина Кривогаштани (28, 38%), а најмала во општината Врапчиште (5, 2%). Во споредба со парламентарните избори во 2020 година, имаме зголемување на излезноста за 2, 69 проценти“, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Според статистиката се забележува дека излезноста на гласачите е поголема во југоисточните делови од државата, а мала во западните делови.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од Дик велат дека сите гласачки места биле отворени навреме, а во врска со гласачките места кои имаа технички проблеми, Даштевски соопшти дека на три од нив (во Кочани, Охрид и Куманово), гласањето сè уште се одвива со УБ-ламба и спреј. На другите гласачки места проблемите биле решени и гласањето се одвива непречено.
Досега се поднесени 164 приговори поврзани со заштита на избирачкото право. Од нив ДИК прифатила 50 приговори, 7 се отфрлени како неосновани, а 9 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.
Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и 11-ти парламентарни избори. Право на глас имаат 1 814 317 граѓани.