Вториот ден од посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Белград, 8 мај, е резервиран за средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и средба на двете делегации.
Си пред Палатата Србија го пречека Вучиќ, кој ја предводи српската делегација, заедно со гардата на српската војска.
Беа интонирани државните химни на двете земји, а беа испукани и 10 почесни плотуни.
Пред билатералната средба меѓу Вучиќ и Си, илјадници граѓани се собраа пред Палатата Србија за да го поздрават кинескиот претседател.
Тие носат српски и кинески знамиња, му аплаудираат на Си и извикуваат „Србија, Кина“.
Вучиќ им се заблагодари што дошле да го поздрават „челичниот пријател на Србија“.
Му кажав дека како лидер и претседател на голема сила ќе биде почитуван секаде во светот, но никогаш нема да биде пречекан со таква почит и љубов како во Србија“, изјави Вучиќ.
Тој оцени дека Кина била со Србија „во најтешките моменти“.
„Како што имаме јасни позиции за прашањето на кинескиот интегритет, дека Тајван е Кина, така и тие ја поддржуваат територијата на Србија без никаква резерва“, додаде тој.
Видете и ова: Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна во БелградКина ја поддржува Србија во оспорувањето на независноста на Косово и членството на земјата во меѓународните организации.
Официјален Белград, пак, ја поддржува „политиката на една Кина“, според која островот Тајван, кој себеси се смета за суверена држава, е дел од кинеската територија.
За време на вториот ден од посетата на Си беше најавено потпишување на повеќе од 30 договори, а претставниците на двете земји посетата ја опишуваат како „јакнење на челичното пријателство“, што се рефлектира во инфраструктурната соработка, но и сојузништво во политичките прашања.
Видете и ова: Џинпинг доаѓа во Европа барајќи поголема кинеска улога во УкраинаОва е втора посета на Си на Србија во последните осум години, а по пристигнувањето во Белград тој изрази уверување дека посетата „ќе биде плодна и ќе отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји“.
„Кина и Србија си пружија цврста поддршка меѓусебно за прашања кои се однесуваат на нашите суштински интереси и големи грижи. Ние заеднички ја поддржавме меѓународната правичност и правда и придонесовме со нашиот удел во промовирањето на мирот и развојот во светот“, рече Си во изјавата објавена од Амбасадата на Кина во Србија.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека за посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија се преземени највисоки можни безбедносни мерки и дека за време на неговата посета ќе бидат распоредени над 6500 полицајци.
Во главниот град од утрото се забележуваат гужви во делот од градот каде што беше најавена средбата.