Американските власти минатата недела одложија пратка бомби за Израел, откако еврејската држава не одговори на „загриженоста“ на Вашингтон за најавената офанзива во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, изјави доцна синоќа (7 мај) неименуван висок американски функционер.
„Минатата недела прекинавме испорака на пратка со оружје. Таа се состоеше од 1800 бомби од 907 килограми и 1700 бомби од 226 килограми. Не донесовме конечна одлука дали таа пратка ќе биде испорачана“, рече претставникот.
Одлуката била донесена затоа што Вашингтон се противи на голема офанзива што ја подготвуваат израелските војници во Рафа.
Вашингтон јасно стави до знаење дека не поддржува офанзива без кредибилен план за заштита на тамошните цивили.
Видете и ова: Израелската армија ја презеде контролата врз преминот РафаАмериканскиот претседател Џо Бајден го повтори овој став пред два дена во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Израелските и американските официјални лица разговараа за алтернативите, дискусиите се во тек и сè уште не се целосно решени нашите грижи“, додаде американскиот функционер.
Израелската армија вчера распореди тенкови во Рафа, ја презеде контролата на граничниот премин со Египет и затвори две главни пристапни точки за хуманитарна помош, мерка што САД ја сметаат за „неприфатлива“.