Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна во Белград

Кинескиот претседател Си Џинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, 7 мај, 2024 година.

Кинескиот претседател Си Џинпинг вечерва на 7 мај пристигна во дводневна посета на Србија.

Авионот на кинескиот претседател беше придружуван од ловци МиГ-29 од моментот на влегување во воздушниот простор на Србија, а на белградскиот аеродром во негова чест беа построени гардата на војската на Србија, како и фолклорен ансамбл.

Кинескиот претседател беше пречекан од српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Милош Вучевиќ и претседателката на Собранието Ана Брнабиќ.

За време на неговата втора посета на Србија во последните осум години, Си ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и се очекува да разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки, па се до меѓусебна соработка во областа на културата.

Најавено е потпишување на повеќе од 30 договори, а претставниците на двете земји посетата ја опишуваат како „јакнење на челичното пријателство“, која според нив најмногу се отсликува преку во инфраструктурната соработка, но и партнерството во политичките прашања.

Видете и ова: Кинескиот претседател Си Џинпинг во дводневна посета на Белград

Српската радио-телевизија објави дека се преземени опсежни безбедносни мерки и дека 400-члената делегација на Си ја штитат околу 3.400 припадници на безбедносните сили.

Пред Си во Белград пристигнаа членовите на кинеската делегација, министри и претставници од повеќе институции, а на аеродромот ги пречека вицепремиерот и министер за финансии Синиша Мали.

Пред доаѓањето на кинескиот претседател, Белград беше украсен со знамињата на Србија и Кина, а на рутата од аеродромот до центарот на градот беа поставени пораки за добредојде на српски и кинески јазик.

Утре пак ќе биде организиран и свечен пречек на кинеската делегација пред Палатата Србија.

На вториот ден од посетата предвидена е и билатерална средба меѓу Вучиќ и Си, средби со кинеската делегација и потпишување повеќе договори.