Девет лица беа уапсени на 4 мај во Србија, а едно лице два дена подоцна во Чешка поради сомнение дека се членови на организирана криминална група која се занимавала со производство и продажба на наркотични дроги, соопшти Јавното обвинителство за oрганизиран криминал во Србија денеска, 7 мај.
Според соопштението на обвинителството, на територијата на Чешка е лишен од слобода еден од организаторите на организираната криминална група - Владан Шумаревиќ.
Според српската полиција пак, тој е уапсен врз основа на меѓународна потерница од Интерпол по него распишана од страна на Србија.
Наредба за спроведување истрага е издадена против 11 осомничени, а постојат основи на сомнение дека оваа организирана криминална група во Србија произведувала и продавала дрога во периодот од 27 септември 2023 година до 4 мај 2024 година.
„Во тој период постојат основи на сомнение дека оваа организирана криминална група на територијата на Србија продала околу 172 килограми амфетамини и 10.000 таблети МДМА (екстази)“, се вели во соопштението.
При претресот пронајдена се опрема и материи наменети за производство на наркотична дрога, како и околу 50.000 евра.
Видете и ова: Како банда од Балканот извлече руски бизнисмен од домашен притвор во ИталијаСпоред информациите, на рочиштето на јавниот обвинител за организиран криминал, еден од организаторите Игор Шќепановиќ и еден од членовите на криминалната група Мирослав Павловиќ го признале делото.
Судот на предлог на обвинителот донесе решение за притвор за сите осомничени.
Српското Министерство за внатрешни работи на 7 мај соопшти дека осомничените се уапсени по повеќемесечната заедничка меѓународна акција наречена „Белведере“, како и дека акцијата била спроведена во соработка со полициите на Австрија, Словенија и Чешка.
„Во јануари годинава во Босна и Херцеговина е уапсен М.Т.(1990), кој е осомничен дека е еден од членовите на оваа организирана криминална група“, се вели во соопштението на српското МВР.
Според полициските информации, тие се осомничени за шверц на наркотици на територијата на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија, но и други земји од Европската Унија.