Регионот на Западен Балкан е важна транзитна зона за илегални миграции, особено за оние кои се обидуваат да стигнат до Западна и Северна Европа, а Србија сè уште е главниот транзитен центар, со речиси 121.000 премини во 2022 година.
Ова е еден од наодите од Извештајот за миграцијата, кој Меѓународната организација за миграција (ИОМ) го претстави денеска на 7 мај во Бангладеш, земја која се соочува со клучни миграциски предизвици.
Според авторите на Извештајот, има значителни промени во глобалните миграциски модели, вклучувајќи рекорден број раселени лица и значително зголемување на меѓународните трансфери на пари.
Нерегуларната миграција од, кон и преку Југоисточна и Источна Европа, најчесто со помош на шверцери, претставува клучен предизвик во борбата против илегалната миграција.
Трасата на нерегуларната миграција кон Европската Унија преку Западен Балкан, поточно преку Албанија, Босна и Херцеговина и Србија, се зголемува уште од 2018 година.
„Регионот на Западен Балкан е важна транзитна зона и се карактеризира со мешан проток на миграција, особено за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до Западна и Северна Европа. Србија сè уште е главниот транзитен центар, со речиси 121.000 вакви премини во 2022 година“, се вели во извештајот.
Видете и ова: ИОМ:2023 е најсмртоносна за мигрантите, загинаа повеќе од 8.500 луѓеВо текот на минатата година во прифатните и азилантските центри во Србија биле регистрирани 108.808 мигранти, објави Комесаријатот за бегалци и миграција во годишниот јануарски извештај. Тоа е за 12 отсто помалку отколку во 2022 година.
Се прецизира дека најзастапени земји на потекло на мигрантите се Сирија (45,7 отсто), Авганистан (22,2), Мароко (6,3) и Пакистан (4,8 отсто), а меѓу нив има најмногу возрасни мажи (86,2 отсто) .
Мигрантите, по пристигнувањето во Западен Балкан, најчесто се движат низ Северна Македонија, Србија, а потоа се обидуваат да влезат во Европската Унија преку унгарската граница.
Меѓу најбројните народи кои доаѓаат на Балканот се Авганистанците, Сиријците и Пакистанците.
„Транзитниот период на мигрантите што минуваа низ Западен Балкан беше пократок во 2022 година и тие поминаа помалку денови во секоја земја во споредба со претходните години“, стои во извештајот.
Се посочува и дека земјите како Белорусија, исто така, биле транзитни зони за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до Европската Унија во последните неколку години. Во оваа земја е забележана злоупотреба на мигрантите како политичко оружје, таканаречената „инструментализација“ на мигрантите.
Генералниот директор на ИОМ, Ејми Поуп, презентирајќи го извештајот, рече дека во свет кој се соочува со неизвесност, разбирањето на миграцијата е клучно за донесување одлуки и ефективни политички одговори.
„Светскиот извештај за миграција го унапредува тоа разбирање, ги осветлува долгорочните трендови и новите предизвици“, рече Поуп.
Видете и ова: Потрага по надеж: Искуства на бегалците и мигрантитеВо Извештајот се истакнува дека меѓународната миграција сè уште е двигател на економскиот раст.
„Ова го потврдува зголемувањето за повеќе од 650 отсто на меѓународните дознаки од 2000 до 2022 година, од 128 милијарди долари на 831 милијарди долари.
Растот продолжи и покрај предвидувањата на многу аналитичари дека овие трансфери ќе бидат значително намалени поради ковид-19.
Од вкупно 831 милијарда долари, 647 милијарди долари биле испратени од мигрантите во земјите со низок и среден приход.
„Овие износи можат да сочинуваат значителен дел од бруто домашниот производ на тие земји, а на глобално ниво ги надминуваат странските директни инвестиции во тие земји“, истакна Поуп.
Извештајот забележува дека додека меѓународната миграција продолжува да го движи човечкиот развој, а предизвиците остануваат.
„Со околу 281 милион меѓународни мигранти ширум светот, бројот на луѓе раселени поради конфликти, насилство, катастрофи и други причини се искачи на највисоко нивоа во современите податоци и изнесува 117 милиони, што укажува на итноста за решавање на кризите со раселување“, додаваат од ИОМ.
Во извештајот се нагласува и дека миграциите се составен дел од историјата.