Двојните избори ќе ги следат 1.303 домашни и 860 странски набљудувачи

Државна изборна комисија (ДИК), Претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024

Вториот круг претседателски избори и парламентарните избори утре ќе ги следат 1303 домашни набљудувачи, 860 странски набљудувачи, како и 83 странски новинари, информираше на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК), членот на комисијата Бобан Стојаноски.

Стојаноски информираше и дека до ДИК пристигнале барања за акредитации за набљудувачи за изборите за претседател и за изборите за пратеници, а се однесуваат на дополнување на веќе прифатени акредитации. Како што соопштија од ДИК, се работи за организацијата Вејк ап – 9 набљудувачи, ТВ Н1 од Белград со двајца новинари, Телевизија Клан Косова – 8 новинари, Амбасадата на САД дополнување со еден набљудувач, и ТВ Имеди – двајца новинари.

На денешната седница, меѓу другото, Стојаноски објасни и на кој начин граѓаните ќе можат да го остварат своето право на глас во текот на утрешниот ден.

„Гласачот го приложува документот за лична идентификација, важечка лична карта или патна исправа, односно за претседателски избори 2024 година лична карта или патна исправа чија важност истекла од 24 јули 2023 година до 24 април 2024 година, а за парламентарните избори гласачот ќе може да гласа со лична карта или со патна исправа чија важност истекла во периодот од 8 август 2023 година до 8 мај 2024 година“, рече Стојаноски.

Видете и ова: ДИК: Тече гласањето за затворениците, болните лица и дијаспората

Тој појасни дека гласачот добива два гласачки ливчиња доколку се одлучи да гласа за двата вида на избори или едно гласачко ливче за изборите за кој се одлучил да гласа и се потпишува во соодветниот извод од избирачкиот список.

„Гласачот гласа сам тајно зад гласачкиот параван. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот, името на листата или редниот број на кандидатот со хемиско пенкало во сина боја. Превитканото гласачко ливче го става во соодветната гласачка кутија, бидејќи утре имаме двојни избори на секое избирачко место ќе има две гласачки кутии соодветно обележани. Притоа, секој гласач се задржува во избирачкото место онолку време колку што му е потребно за да го оствари своето право на глас без притоа да направи каков било застој во истото. На крај гласачот го подигнува документот за лична идентификација и го напушта гласачкото место“, додаде Стојаноски.

ДИК апелира до избирачките одбори и ОИК да продолжат да ги почитуваат законите и Изборниот законик, упатствата и правилниците донесени од страна на комисијата, со цел успешно спроведување на двојните избори кои ќе се одржат во текот на утрешниот ден.