Украина ги истражува остатоците од севернокорејските ракети лансирани од Русија

Украинското државно обвинителство соопшти дека извршило испитување на остатоците на 21 од околу 50 севернокорејски балистички проектили лансирани од Русија од крајот на декември до крајот на февруари, додека се обидуваат да ја проценат заканата од соработката на Москва со Пјонгјанг.

Канцеларијата на главниот украински обвинител Андриј Костин, исто така, соопшти за Ројтерс дека стапката на неуспех на севернокорејското оружје е висока.

„Околу половина од севернокорејските ракети ги загубија програмираните траектории и експлодираа во воздух, а во таквите случаи не беа пронајдени остатоци“, рече Костин во писмениот одговор на прашањата на Ројтерс.

Севернокорејските проектили претставуваат мал дел од нападите на Русија за време на војната во Украина, но нивната наводна употреба предизвика тревога од Сеул до Вашингтон бидејќи може да го најави крајот на речиси дведеценискиот консензус меѓу постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации (ОН), за да се спречи Пјонгјанг од проширување на својата нуклеарна и балистичка ракетна програма.

Покрај тоа што ѝ даде можност на Северна Кореја да тестира ракети, Русија презеде и чекори што ќе го отежнат следењето на санкциите кои ОН му ги наметнаа на Пјонгјанг во 2006 година.

Москва, минатиот месец стави вето на годишното обновување на мониторингот на санкциите на ОН, познат како Панел на експерти, кој го надгледуваше спроведувањето на санкциите на ОН против Северна Кореја веќе 15 години.

Видете и ова: Јужна Кореја тврди дека Северна Кореја испратила 6700 контејнери со муниција во Русија

Кина, една од петте постојани членки на Советот за безбедност, се воздржа од гласањето.

Неколку дена пред крајот на својот мандат, комисијата поднесе извештај во кој за првпат потврдува дека, кршејќи ги санкциите на ОН, балистичка ракета од севернокорејско производство позната како Хвасонг-11 го погодила украинскиот град Харков.

Ова, како и ветото на Москва, укажуваат на тоа дека Русија и Северна Кореја ги интензивирале своите билатерални односи надвор од главно трансакциски, размена на договори, рече Едвард Хауел, експерт за Северна Кореја на Универзитетот Оксфорд.

„Постои трајно наследство кое сега се обликува, а тоа е фактот дека Северна Кореја, благодарение на руската поддршка, навистина може да ги поткопа клучните меѓународни институции како Советот за безбедност на ОН“, рече Хауел.

Руското Министерство за одбрана и мисијата на Северна Кореја во ОН во Женева не одговорија на прашањата на Ројтерс во однос на оваа тема.

Во меѓувреме, Костин рече дека неговата канцеларија ќе ја продолжи истрагата.

Обвинителството соопшти дека последната регистрирана употреба на ракетата Хвасонг-11, исто така позната како КН-23 на Запад, била на 27 февруари и дека вкупниот број идентификувани лансирања се совпаѓа со разузнавачките податоци кои покажале дека Северна Кореја и испорачала околу 50 балистички ракети на Русија.

Видете и ова: Нов нуклеарен реактор во Северна Кореја ќе биде ставен во функција до лето, објави Сеул

Во 21 случај, во кој се собрани остатоци, влегуваат и остатоци од три ракети испукани во украинскиот град Киев и околниот регион, соопшти канцеларијата на Костин. Останатите ракети пак, ги гаѓале регионите Харков, Полтава, Доњецк и Кировоград.

Во нападите, кои започнаа на 30 декември 2023 година, загинале вкупно 24 лица, 115 беа ранети, а оштетени се и бројни станбени и индустриски објекти, стои во соопштението.

Околу 50 проектили беа лансирани од повеќе локации, вклучувајќи ги западните руски региони Белгород, Воронеж и Курск.

Во украинското соопштение не се наведува дали некој од проектилите бил соборен од страна на противвоздушната одбрана. Балистичките ракети обично тешко се пресретнуваат поради нивната траекторија и брзина.