Кинескиот претседател Си Џинпинг во дводневна посета на Белград

Граѓаните на Белград поминуваат покрај кинеското знаме поставено пред посетата на кинескиот претседател Си Џинпинга во главниот град на Србија, 7 мај 2024 година.

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска, 7 мај, пристигнува во дводневна посета на Србија.

За време на втората посета на Србија во последните осум години, Си ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, а се очекува да разговара за широк спектар на теми - од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.

Најавено е потпишување на повеќе од 30 договори, а претставниците на двете земји посетата ја опишуваат како „јакнење на челичното пријателство“, што се рефлектира во инфраструктурната соработка, но и сојузништво во политичките прашања.

Радио-телевизијата на Србија јавува дека се преземени опсежни безбедносни мерки и дека 400-члената делегација на Си ќе ја штитат околу 3.400 припадници на безбедносните сили.

Видете и ова: Белград се подготвува за добредојде на кинескиот лидер

Пред доаѓањето на кинескиот претседател, Белград беше украсен со знамињата на Србија и Кина, а на рутата од аеродромот до центарот на градот беа поставени пораки за добредојде на српски и кинески јазик.

Точниот распоред на пристигнувањето на Си не е објавен.

Како што е најавено, авионот на кинескиот претседател од моментот на влегување во воздушниот простор на Србија ќе биде придружуван од ловци МиГ-29, а на аеродромот во Белград во негова чест ќе биде построена гарда на вооружените сили на Србија.

Ден подоцна ќе биде организиран и свечен пречек на делегацијата пред Палатата Србија.

За вториот ден од посетата предвидена е билатерална средба меѓу Вучиќ и Си, средби меѓу делегациите и потпишување договори.