Русија го објави името на уапсениот американски војник „обвинет за кражба“

Мост над заливот Златен Рог во далечното источно руско пристаниште Владивосток, 2019 година

Судот во Владивосток, руски град на далечниот исток, нареди апсење на наредникот Гордон Блек и го испрати во притвор најмалку до 2 јули, изјави портпаролката на судот Јелена Оленева, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик (РСЕ).

Блек е „обвинет за кражба“, објави Комерсант, повикувајќи се на Оленева.

Максималната казна за тоа обвинение е пет години затвор.

Западните медиуми претходно објавија дека американски војник е уапсен во Русија и обвинет за кражба, откако отпатувал таму од Јужна Кореја, каде што бил стациониран, без да ги информира претпоставените.

Портпаролката на американската војска Синтија Смит во изјава на 6 мај потврди дека војникот, кој не беше идентификуван, бил уапсен четири дена претходно во Владивосток, под обвинение за кривично дело.

Таа рече дека Русија ги известила САД, а дека војската го известила семејството на војникот. Таа не даде повеќе детали поради „чувствителноста на ситуацијата“.

„Руската Федерација го извести американскиот Стејт департмент за криминален притвор во согласност со Виенската конвенција за конзуларни односи. Војската го известила неговото семејство, а Стејт департментот обезбедува соодветна конзуларна поддршка на војникот во Русија“, рече Смит во изјава.

Видете и ова: Европратениците гласаа за резолуција со која се бара ослободување на новинарите Курмашева и Гершкович

Официјални лица рекоа дека војникот бил стациониран во Јужна Кореја, каде што американската војска има околу 28 500 војници и требало да се врати дома во Форт Кавазос, Тексас, но наместо тоа, отпатувал во Русија.

Со притворот на војникот се надополнува списокот на американски државјани кои се држат во Русија под различни околности.

Меѓу уапсените се новинарите Алсу Курмашева од РСЕ и Еван Гершкович од Волстрит журнал, кои беа уапсени под обвинение дека нивните работодавци и нивните поддржувачи ги отфрлаат како политички мотивирани.

Во притвор е и Пол Вилан, кој беше осуден на 16 години затвор во 2020 година поради обвиненијата за шпионажа кои тој и американската влада постојано ги негираа.

Во септември 2023 година, Стејт департментот издаде предупредување до граѓаните на САД да не патуваат во Русија, како мерка на претпазливост поради поддршката на Вашингтон за Украина во нејзината борба против руската инвазија.